САД ставија на црната листа пет поранешни бугарски функционери: Меѓу нив и двајца ексминистри

САД ја проширија црната листа со санкционирани бугарски државјани со петмина поранешни владини функционери поради нивна инволвираност во корупција во Бугарија.

Станува збор за Румен Овчаров, Александар Николов, Иван Генов, Николај Малинов и Владислав Горанов.

„САД го поддржуваат нашиот НАТО-сојузник Бугарија во борбата против вкоренетата корупција и руското влијание, кои ги поткопуваат демократските институции“,

вели заменик-секретарот за финансии за тероризам и финансиско разузнавање, Брајан Е. Нелсон.
Тој порачува дека има итна потреба да се уништат мрежите кои со години имаат недозволени активности, особено во енергетскиот сектор.

„Корупцијата му одзема на бугарскиот народ стотици милиони долари и ги попречува инвестициите и економскиот раст на земјата“, вели Нелсон.
Од американската влада објавија дека петтемина санкционирани ексфункционери го отсликуваат степенот до кој корупцијата е вкоренета во министерствата, политичките партии и државните институции.

Кои се петтемина санкционирани бугарски политичари

Румен Овчаров е дел од Бугарската социјалистичка партија (БСП) која денес ја предводи Корнелија Нинова. Тој во моментов, според објавата од американското Министерство за финансии, е член на Националниот совет на БСП.

Неговата биографија, пак, открива дека претходно бил пратеник и министер. Конкретно, бил министер за енергија и енергетски ресурси во владата на Жан Виденов во 1996 и 1997 година, како и министер за економија и енергетика во владата на Сергеј Станишев во периодот од 2005 до 2007 година.

За него во соопштението од американското министерство наведуваат дека тој постојано се занимавал со коруптивни енергетски договори со руски компании, примал мито во замена за договори со фиксна цена за руски гас и нуклеарно гориво. Се смета дека добил повеќе од пет милиони евра на офшор банкарски сметки откако бил на функцијата министер за енергија.

Александар Николов, пак, е поранешен извршен директор и заменик-директор на нуклеарната централа „Козлодуј“, единствената која е во државна сопственост. Таму тој работел дури 30 години, на различни позиции.

Иван Генов, исто така, е поранешен извршен директор на оваа нуклеарна централа, а бил и пратеник од редовите на БСП во периодот од 2017 до 2019 година.

И Николај Малинов е поранешен пратеник од БСП, а сега е лидер на Русофилското национално движење. Тој е основач и претседател на политичката партија Русофили за преродба на татковината која се залага за поцврсти врски со Русија.

„Откако беше уапсен и обвинет за шпионирање во интерес на Русија и му беше забрането меѓународно патување во септември 2019 година, Миланов подмити бугарски судија за да му дозволи да отпатува во Русија за лично да го прими Медалот за пријателство од рускиот претседател Владимир Путин, заедно со награда од 2,5 милиони руски рубљу“,
пишува во соопштението на Министерството за финансии на САД. Владислав Горанов

Петтиот санкциониран, Владислав Горанов, е поранешен функционер од партијата ГЕРБ на Бојко Борисов. Тој беше пратеник, но и министер за финансии во втората и третата влада на ГЕРБ односно во периодот од ноември 2014 до јануари 2017 г , како и од мај 2017 до јули 2020 година.

САД сметаат дека тој ја искористил својата министерска функција за да ја лиши Бугарија од даночни приходи од бугарските олигарси. Како министер за финансии, смета американската влада, тој бил дел од корупциска шема која овозможила да се исплатат десетици милиони евра на бугарски функционери во замена за поповолна легислатива за странки кои се дел од коцкарската индустрија.

Исто така, на листата санкционирани САД сместија и неколку компании: четири контролирани или во сопственост на Миланов, како и една на Горанов.

Обединетото Кралство санкционира тројца бугарски олигарси
Покрај САД, санкции објави и Обединетото Кралство. Тие на листата сместија тројца корумпирани актери од бугарската јавна сцена за кои сметаат дека се инволвирани во сериозна корупција и злоупотреба на јавните финансии.

Станува збор за Васил Бојков, кој е истакнат бугарски бизнисмен и олигарх, Илко Жељазков, кој е поранешен заменик-началник на бугарската државна агенција за технички операции и Делијан Пеевски, олигарх и поранешен пратеник од партијата Движење за права и слобода (ДПС).

Овие тројца веќе од претходно се на црната листа на САД.

Back to top button
Close