Само вчера околу 150 здравствени работници од земјава се пријавиле да помогнат во Турција

Само во текот на вчерашниот ден околу 150 здравствени работници во земјава се пријавиле на повикот на Министерството за здравство за доброволци кои би заминале во Турција за да помогнат во справувањето со последиците од разорните земјотреси што го погодија југоисточниот дел на земјата.

Повикот беше објавен вчера, а денеска околу пладне ќе се направи и прелиминарен список кој преку НАТО-каналите на комуникација ќе им се понуди на турските власти.

„До доцните часови вчера имав еден список од околу 150 доброволци – здравствени работници, што е огромна бројка и покажува колку нашиот народ е спремен да помогне и во текот на овој ден, се надевам докај 12 часот ќе го имаме прелиминарниот список на доброволци и ќе го понудиме на Центарот за управување со кризи (ЦУК) кој понатаму во комуникација со турските власти преку НАТО ќе известат за расположливите средства, капацитетите – и човечки и материјални кои ги имаме. Воено ги ставивме во понуда и двете комбиња кои се специјализирани за интензивна нега кои ги добивме како донација за Педијатриската клиника. И тие две комбиња кои се специјализирани и комплетирани со два тима – доктор, возач и медицинска сестра, се спремни да заминат до погодени места“изјави денеска министерот за здравство Беким Сали.

Кога медицински персонал од земјава би заминал во Турција не се знае, со оглед дека ЦУК преку НАТО го известува турскиот ЦУК од каде што ќе се чека повратен одговор за тоа каков персонал имаат потреба турските власти.

Покрај медицинскиот персонал и двете комбиња, Сали информира и дека се обезбедени лекови за Турција.

„Има и еден список на лекови кој го обезбедивме преку компании и донатори и тие ги ставаме на располагање и по потреба турските власти ќе одобрат за што имаат потреба за ние да ги испратиме кон погодените места“вели министерот.

Back to top button
Close