Санчез бара продолжување на вонредната состојба до 21 јуни
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека од Парламентот ќе побара да поддржи последно двонеделно продолжување на вонредната состојба до 21 јуни, јави „Ел Паис“.
Вонредната состојба, која беше воведена на 14 март, беше продолжена пет пати, а е во сила до 7 јуни.
За време на видео конференцијата со регионалните лидери, Санчез рече дека ова ќе биде последно продолжување на мерките, „со оглед дека бројот на новозаразени со коронавирусот драстично се намалува“.
Бројот на починати во Шпанија вчера се зголеми за четири и сега изнесува 27.125, што е драматичен пад на бројот на жртви за еден ден.
Со 286.308 заразени, Шпанија е на четврто место во светот по бројот на позитивни на коронавирусот.