СДСМ: Левица – партија за ништо

Уште еден сателит во одбрана на криминалната група ВМРО-ОКГ, во момент кога Мицкоски повеќе не може да одговори на граѓаните на ниту едно прашање, се вели во соопштението од СДСМ, што МИА го пренесува итегрално.
Кога ВМРО нема аргументи, кога нема резултати, кога нема одговор за економијата, инфлацијата, криминалот и неисполнетите ветувања, ги активира своите сателити како Левица.
Кога на ВМРО му се распадна системот на лаги дека малцинствата го загрозуваат македонскиот национален интерес, кога еврокомесарката јасно кажа дека парите од ЕУ за регионот се обезбедени, но реформите мора да се спроведат, кога на Мицкоски му остануваат уште 20 дена да ја исполни реформската агенда како што самиот вет, ете напади врз СДСМ.
Од кого? Од сателитот Левица.
Досега тоа беше ЗНАМ, а сега кога ЗНАМ политички се распаѓа и ја губи поддршката кај граѓаните, активиранa е прорурската Левица.
Левица е партија создадена и финансирана од ВМРО.
Партија која фиктивно треба да глуми опозиција на власта, а всушност е осудена засекогаш да биде приврзок и заштитник на ВМРО.
Партија која е против Европската Унија во земја кандидат за членство во ЕУ, во која над 77% од граѓаните ги поддржуваат европските интеграции.
Партија која е против НАТО во земја членка на НАТО, во која над 72% од граѓаните го поддржуваат членството во Алијансата.
Проруска партија во земја во која САД се стратешки партнер.
Партија создадена за да биде вечна опозиција. Накратко, партија за ништо друго освен да му служи и да гласа за ВМРО во Собранието.
Токму тие го сочинуваат мнозинството кое гласаше за укинување на техничката влада.
Како што досега изгласаа сè во Собранието без СДСМ.
Затоа што, како што вели Мицкоски, имаат апсолутно мнозинство.
А пратениците на ВМРО велат дека реформите ќе ги спроведат без СДСМ.






