СДСМ: Откако се покачија, Владата ги замрзна цените, тоа е нова манипулација
Од СДСМ велат дека последната одлука на Владата да се ограничат маржите е задоцнета, половична и со суштински недостатоци поради кои граѓаните нема да почувствуваат ефекти.
„Замрзнувањето со ниво на цени од 1 февруари не е решение за скапотијата, затоа што податоците на Државниот завод за статистика укажуваат дека веќе во јануари има пораст на цените. Тоа значи дека Владата ги замрзна цените откако се покачија, што претставува нова манипулација.
Власта требаше да се врати наназад неколку месеци и како репер да ги земе тие цени, а не овие покачени цени.
Дополнително, наместо да се ограничува маржата само на 102 групи на производи, треба да се опфатат сите 238 групи на производи.
Владата на Мицкоски и ДПМНЕ освен што е неспособна да одговори на економските предизвици се покажува како слуга на големите бизнис интереси, наместо да се бори за доброто на граѓаните.
СДСМ има конкретни законски решенија за стабилизација на цените и намалување на сметките за струја кои веќе се поднесени во македонското Собрание по итна постапка и власта треба да ги прифати:
Намалување на ДДВ за струјата на 5% ќе донесе намалување на сметките за 13% веднаш и заштеда од 400 денари месечно во просек за граѓаните!
• Укинување на ДДВ за храна ќе доведе до поевтинување на над 250 категории и граѓаните месечно ќе заштедат до 2.000 денари месечно.
Севкупната примена на сетот мерки на СДСМ и Законот за нефер трговски практики ќе доведе до намалување на цените за 30%.
Граѓаните заслужуваат поддршка, а овие мерки на СДСМ се вистинскиот начин за намалување на цените за храна и намалување на сметките за струја“, велат од СДСМ