Се уште трае „борбата“ со пожарот кај Богданци – засега не се гаси со летала

Пожарот кај Богданци, кој избувна вчера околу 11 часот во месноста Брдаров камен, веднаш до препумпната станица на Хидросистемот „Дојранско Езеро“, се уште не е ставен под контрола, но како што тврди Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), во овој момент нема активно горење.

Гаснењето продолжи од 6 часот утрово. Со огнената стихија, која досега проголта околу 500 хектари нискостеблеста деградирана шума и сува трева и која помина низ ветерниците над Богданци без да предизвика штета на нив, се борат шеесетина лица.

Според Ангелов, чад има на повеќе места, а пожарникари од Гевгелија, Валандово, Кавадарци и Штип, заедно со тим од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), „Национални шуми“ и комуналното претпријатие од Богданци, се обидуваат да го заобиколат пожарот.

-Доколку во подоцнежните часови дојде до разгорување на пожарот на располагање стојат трите авиони „Ер Трактор“ на ДЗС, како и два хеликоптери на МВР, информираше Стојанов.

Според градоначалникот на Богданци, Блаже Шапов, кој е на местото на пожарот, засега нема опасност од негово проширување.

Според него, пожарот вчера почнал да се шири од пониските делови на овој терен каде се наоѓаат обработливи површини и тој се сомнева дека причина е човечки фактор.

Back to top button
Close