Секоја вечер кога Стојанче ќе се врател дома издрогиран, ја тепал Ивана пред Катја, сведочи Мартин Саздов
Сведокот Мартин Саздов во своето сведочење денеска истакна дека Стојанче Јовановски се дрогирал во негово присуство уште откога го познава, кога работеле заедно во Пожарна, а Ивана и Катја страдале во негово присуство – особено откако Стојанче бил фатен со дрога од страна на полицијата. Тогаш Стојанче почнал да ги обвинува Ивана и Саздов „дека го наместиле со дрога“. Саздов сведочеше дека Стојанче ѝ се заканувал на Ивана дека ќе објави експлицитни видеа од неа, за да ја посрамоти – од тоа на Ивана ѝ било многу страв.

-Ми велеше каква слика ќе биде тоа за мене пред Катја, а јас ја смирував дека ќе ѝ бидам поддршка за сè – сведочеше Саздов.
Истовремено, тврдеше Саздов, Ивана сакала да си го врати станот зашто Катја си ја барала собата, а тоа бил имот за кој таа работела, плаќала кредит. Стојанче во меѓувреме, на ниеден начин не придонесувал за домашниот буџет, туку напротив, економски ја експлоатирал Ивана, на начин што ја натерал да извади 40 илјади денари од својата кредитна картичка и да му ги даде. Катја и во училиште зборувала дека татко ѝ ја тепа мајка ѝ, па училиштето ја препратило Ивана на психолошко советувалиште.
-Многу се плашеше дека ќе ѝ ја земе Катја. Ми велеше: „Многу ја сакам Катја, таа ми е животот, се плашам да не ми ја земе Катја“. Ивана ми кажа дека секоја вечер кога Стојанче ќе се врател дома издрогиран, ја тепал пред Катја – рече Саздов.
Потоа Саздов ја убедувал Ивана да си оди, да живее кај мајка ѝ, нудејќи ѝ пари за кирија, но Ивана не прифаќала од причина што сакала да го задржи имотот за кој отплаќала кредит. Според Саздов, „Ивана била многу психички падната“ поради малтретирањето од Стојанче и истовремено била многу исплашена. Отишла во психолошко советувалиште и почнала да пие антидепресиви.
…





