Сенатот го отвори патот за потврда на Роберт Кенеди Помладиот за министер за здравство на САД
Американскиот Сенат денеска на првото гласање за номинацијата на Роберт Кенеди Помладиот за министер за здравство и човечки ресурси одлучи да ја ограничи дебатата за неговата кандидатура, со што е отворен патот за конечно гласање во наредните денови.
Сенаторите со 53 гласа „за“ и 47 „против“ одобрија номинацијата на Кенеди да оди во понатамошна процедура, и покрај силното противење на демократите и на многу експерти за јавно здравје, кои му забележуваат на Кенеди за неговите ставови против вакцините.
Кенеди исто така беше критикуван за неговата контроверзна изјава дека вирусот Ковид-19 бил генетски модифициран за да таргетира белци и црнци, но не и Евреи и Кинези.
Ако Сенатот ја потврди неговата номинација, Кенеди ќе го преземе раководството со министерството што ги надгледува главните федерални здравствени агенции, меѓу кои се Администрацијата за храна и лекови (ФДА) и Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
Под негова надлежност ќе бидат и програмите за здравствено осигурување „Медикер“ и „Медикејд“, кои ги користат повозрасните, сиромашните и лицата со попреченост.
Кенеди (71) во 2023 година накратко се кандидираше за номинација на Демократската партија за претседател, но потоа настапи како независен кандидат, пред да ја прекине кампањата и да му даде поддршка на Доналд Трамп.