„Сестри“: Филм кој треба да е лектира на сите средношколци

Фантастичен филм кој прикажува како мизогинијата се манифестира во животите на средношколците денес, кои повеќе од било која генерација активно користат социјални медиуми.

 

Во својот прв долгометражен филм „Сестри“, режисерката и ко-сценаристка Дина Дума брилијантно ги прикажува пресеците на патријархатот, социјалните медиуми, средношколскиот живот и класната нееднаквост. Главната тема во филмот на Дума е онлајн сексуалното вознемирување и последиците од истото врз средношколките.

Ова е филм кој е инспириран од вистински настан, затоа што јас кога бев во средно училиште имаше ваков тип на инцидент. Една девојка и еден дечко имаа односи и беа снимени. Сите во моето училиште го видоа тоа видео кое потоа се прошири и во другите училишта, и стана вирално,“ изјави Дина Дума за Медуза.

 

 

 

 

Потоа девојката мораше да се отсели во друга земја, нејзините така одлучија, а момчето остана. Не само што остана во школото, туку тој на некој начин стана херој. Немаше никакви последици ни за тој што го снимил видеото – иако се дозна кој беше – ниту пак за момчето. Никој не пропати никакви последици, ни друштвени, ни правни. Тоа беше инспирација, овој настан некако остана со мене и мислам дека беше важно да го направам овој филм и да ја отворам оваа тема,“ додаде Дума.

Филмот „Сестри“ се фокусира на токсичното пријателство помеѓу две тинејџерки. Маја и Јана, кои ѝ љубоморат на Елена, популарна девојка која добива внимание од Крис, симпатијата на Маја. Кога на една забава, Елена почнува да се бакнува со Крис, Маја и Јана ја следат и ги фаќаат Елена и Крис сред сексуален чин. Наместо да си отидат, Јана го снима овој чин со телефонот на Елена (кој девојките случајно го наоѓаат за време на забавата) и потоа ја убедува Маја да го постира видеото. Како во вистинскиот случај кој ја инспирирал Дума, видеото на Елена станува вирално и го гледаат скоро сите ученици во школото. Елена е исмејувана од момчињата и од девојчињата во училиштето, додека сите го гледаат Крис како некаков фраер и херој.

Филмот одлично ги илустрира овие сексистички динамики преку визуелно користење на Инстаграм како алатка за нарација. Прикажани се различни сториња на Инстаграм кои го репостираат видеото и се издвојуваат две: на едното пишува „Kris Motherfucker“, а на другото стои зборот „к*рва“, насочен кон Елена. Крис не добива никаква осуда од неговото опкружување, додека Елена е брутално понижена до степен каде што таа престанува да доаѓа на училиште.

Интересно е што овој филм се фокусира на мизогинијата меѓу девојките, а не момчињата, (иако и таа страна добива на внимание и е покажана во филмот). Односно, главните ликови во „Сестри“ се другарките Маја и Јана, кои очајно сакаат да вклопат во нивната средина и дури и пред главниот инцидент, тие постојано го осудуваат сексуалното однесување на Елена и користат сексистички јазик за да ја опишат. Преку постирањето на интимното видео од Елена и Крис, тие всушност стануваат главните насилници во филмот. Објавувањето на ова видео не само што претставува меѓуврсничко насилство (bullying), туку има јасна родова компонента и претставува онлајн сексуално вознемирување. Насилство веднаш ескалира, правејќи ги Маја и Јана само иницијатори на случај кој ескалира во масовно сексуално вознемирување. На некој начин, бидејќи насилството станува колективно, чувството на индивидуална одговорност се намалува, освен кај ликот на Маја, која сепак се чувствува виновна за тоа што ѝ се случува на Елена.

Сепак, одлуката да главните насилници во филмот се две девојки, а не момчиња, е многу моќна. Од начинот на кој што Маја и Јана зборуваат, како и нивните маневризми и однесување, јасно е дека тие оперираат преку доминантната матрица на општествени вредности: патријархатот. Односно, не само што Маја и Јана не се феминистки, туку без разлика што се девојки, тие целосно ги имаат интернализирано доминантните патријархални вредности и врз основа на нив ја осудуваат ја осудуваат својата врсничка.

Системот на вредности во кој живееме, нееднакво ги третира мажите/момчињата и жените/девојките кога е во прашање сексуалната активност. Ако маж/момче има секс со многу девојки, тогаш тој се смета за фраер, но ако жена/девојка има повеќе сексуални партнери, тогаш средината врз неа лепи само негативни етикети. Маја и Јана веќе ги имаат интернализирано патријархалните родови улоги и очекувања за мажите и жените, каде истите атрибути и однесувања се вреднуваат кај едниот род, а се осудуваат кај другиот. Филмот многу умешно го прикажува овој општествен феномен каде девојките/жените активно учествуваат во сексистичкиот систем кој ги угнетува токму нив.

Филмот посочува дека мизогинијата може да биде перпетуирана и од мажи и од жени. Филмот суптилно ја пренесува пораката дека е потребно коренито менување на општествените вредности и дека за да се случи ова потребна е посветена работа од сите, без разлика на нашиот род.

„Сестри“ е фантастичен филм кој експлицитно се занимава со начинот на кој што мизогинијата се манифестира во животите на средношколци денес кои повеќе од било која генерација активно користат социјални медиуми. Филмот исто така суптилно ги коментира екомонските предизвици и недостатокот на време и ресурси на родителите од работничката класа да бидат активно вклучени во животите на своите деца. Секако, филмот имплицитно го критикува и образовниот систем во Македонија, прикажувајќи дека нема никаква интервенција од страна на училиштето по инцидентот, и преку генералната отсутност на наставниците и другите просветителни работници.

„Решение [на овие проблеми] гледам само во отворена дискусија и разговор. Исто така [решението го гледам] во образованието: ако овие теми се зборуваат повеќе и на што порана возраст (…), мислам дека насилството ќе се намали.“ кажа Дина Дума за Медуза.

Филмот „Сестри“ е еден вид огледало кое ни е повеќе од потребно во година кога групи на „загрижени родители“ се бунеа против воведувањето на сеопфатното сексуално образование (ССО) и кога повторно се појави предаторска Телеграм група „Јавна Соба“ каде беа споделувани експлицитни фотографии и видеа, профили на социјални медиуми и други лични податоци на жени и девојки без нивна согласност. За жал, на социјалните медиуми цветаа наратии кои ги обвинуваа девојките и жените жртви на „Јавна Соба“, исто како што е случајот во „Сестри“ Елена, иако таа е жртва во приказната. Сексуалното насилство не смее да биде дополнително табуизирано и клучно е – како што рече Дума – отворено да се зборува за овие теми, особено во рамките на образованието.

Зотоа, сметам дека секој средношколец/ка, па дури е секој родител, би требало да го гледа овој современ, критички настроен и уметнички издржан филм. „Сестри“ почнува со широка дистрибуција на 16ти декември.

 

 

Back to top button
Close