Сеул: Пјонгјанг и испорача на Москва повеќе од милион артилериски гранати
Северна Кореја и обезбеди на Русија повеќе од еден милион артилериски гранати за воени операции во Украина, а Пјонгјанг за возврат доби технички совет за своите сателити, изјави денеска јужнокорејски пратеник, повикувајќи се на службата за разузнавање во Сеул.
Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја на состанок зад затворени врати им потврди на пратениците дека Северна Кореја извршила најмалку десет трансфери на оружје за Русија од август.
„Разузнавачката служба дозна дека се префрлени повеќе од милион артилериски гранати. Според проценките, тоа би требало да биде доволно за околу два месеци војна меѓу Русија и Украина, изјави пратеникот Џо Санг-бум за новинарите по состанокот.
Тој рече дека се верува дека Пјонгјанг за возврат добил технички совет од Москва за плановите за лансирање воен извидувачки сателит.