Шолц: Не дозволувајте сопственици на социјални мрежи да одлучуваат за изборите во Германија
Шолц вели дека само германските граѓани имаат моќ да одлучат по кој пат ќе тргне Германија по изборите закажани за 23 февруари
Германскиот канцелар Олаф Шолц во своето новогодишно обраќање ги повика граѓаните да не дозволуваат сопствениците на социјалните медиуми да одлучуваат за исходот од германските избори, откако извршниот директор на Икс, Илон Маск, постојано ја поддржуваше екстремнодесничарската Алтернатива за Германија (AфД).
Шолц вели дека само германските граѓани имаат моќ да одлучат по кој пат ќе тргне Германија по изборите закажани за 23 февруари, пишува „Гардијан“.
„За тоа нема да одлучуваат сопствениците на канали на социјалните медиуми, туку ќе одлучува огромното мнозинство од разумни и пристојни луѓе“,вели Шолц.
Без да го спомене директно Маск или неговата платформа Икс, Шолц ги повика Германците да се спротивстават на манипулациите и да застанат во одбрана на нивната демократија.
„На крајот на краиштата, вообичаено е да се имаат желби на Нова година. Мојата желба е да не дозволиме да нè свртат едни против други“,рече Шолц.
Шолц истакна дека имало наплив на дезинформации на социјалните мрежи по нападот на божиќниот пазар во Магдебург на 20 декември, во кој загинаа пет лица, а повеќе од 200 беа повредени.
„Меѓутоа, не мал број од овие шпекулации и претпоставки во меѓувреме се разоткриени. Овие работи нè разделуваат и ослабуваат. Ова не е добро за нашата земја“,додаде тој.
Портпаролката на канцеларот Кристијана Хофман го обвини Маск дека се обидува да се меша во изборниот процес во Германија откако американскиот претприемач постојано отворено ја поддржуваше АфД, партија која германските власти ја означуваат како екстремистичка.
Маск на Икс тврдеше дека само АфД може да ја спаси Германија.