Шприцер по протокол

Добрата вест во сабота е што на крајот на третиот бран од ковид пандемијата можат да се организираат и свадби. Со посебни протоколи за заштита, кои ни во болница не може да се почитуваат.

Протоколите не предвиделе дека на свадба се оди да бидеш активен учесник. Не одиш да гледаш претстава како играат невестата и зетот. Како го смислиле, божем одиш на Свадбата на Фигаро и ќе дремнеш на пауза.

Сè е разработено до детали. Список на гости, ковид менаџер, мерење температура, во веце само со маска, музиката на 5 метри од гостите и не смее да шета меѓу маси, забрането гушкање и бацување, само невестата и младоженецот може да играат заедно, другите секој сам за себе ќе си биде ороводец…

Замисли некој од страна да го гледа тој спектакл – се собрале 100 души и секој сам си игра во своите 4 квадрати. Арно ама, Комисијата за заразни болести го заборавила најважниот детал. На свадба се пие алкохол. А со алкохол и концентрацијата за дистанца попушта. Што е за право, дури и да ограничат пиење алкохол, опасноста за губење концентрација и преминување во туѓите 4 квадратни метри за играње останува. Оти, на секоја маса мора да има и средство за дезинфекција. Кај има средство, има и вода. Шприцер по протокол. Ако е зорт, де.

Продолжува и претставата со неизвесен крај до крајот што ја игра Бугарија за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Зоран Заев изјави дека е спремен да ја моли Софија да го симне ветото, а бугарскиот претседател Румен Радев рече дека Бугарија ќе бара гаранции од ЕУ за Македонија.

Какви гаранции ќе бара Бугарија од ЕУ? Дека до крајот на преговорите, кога ќе треба да нè примат во ЕУ, Македонците ќе станат Бугари? Со што може една мала Македонија што не е членка на ЕУ да ја загрози Бугарија, што е рамноправна со уште 26 земји што го сочинуваат најмоќниот сојуз во Европа?

Дури ни во степен на корупција не може да ги загрозиме. Поголеми се, побогати и имаат подолга традиција на коруптивни практики. Сега, кога САД ставија на црна листа неколку бугарски бизнисмени поради корупција поврзана со власта и ја прекорија Бугарија, членката на ЕУ, дека недоволно остро се справува со високата корупција, Македонецот е повторно ставен пред историска дилема:

Дали да стане Бугарин и да ризикува да го стават на американската црна листа, или да си чека трпеливо датум за почеток на преговори со ЕУ?

Целата колумна на Горан Михајловски тука

 

Back to top button
Close