Што има за вечера?

Ако треба да погодиме кому најчесто му се поставува прашањето „што има за вечера“, тоа секогаш е жената во домот, без разлика дали се работи за мајка која ги чува своите деца, за жена активно вклучена во работниот однос или пак за пензионерка. И покрај бројните победи на жената низ историјата, борбата за еднаква распределба на домашните обврски не е соодветно започната, а е далеку од завршена.

Колку многу планови имам направено за работите кои сакам да ги остварам, заспивајќи ги моите две деца. Штом заспијат се враќам на обврските кои треба да ги завршам и сфаќам како желбата за себеостварување ми згаснува полека, додека бројот на незавршени домашни обврски расте. Понекогаш не знам како да се оттргнам од овој круг, каде не постои време за себе. Ако побарам повеќе помош од фамилијата и заедницата во исполнувањето на мојата идеја, се прашувам дали ќе мислат дека сум разгалена, со погрешни приоритети или премногу барам. Сфаќам дека во потрагата по лична исполнетост, можеби ќе ги разочарам оние околу мене, кои долго време живееле во заедница каде е нормално жената да го носи бремето на семејството и да не ги задоволува своите индивудуални потреби. Но исто така сè повеќе разбирам дека не треба да ги намалам моите очекувања, дури и на сметка да не наидат на одобрување. Напротив, сакам и треба да учествувам во промена на системот и заедницата кој создал услови жените да носат ваков товар и тоа да се смета за нешто најнормално.

 

 

Двоен товар

 

 

И покрај долгогодишната борба за родовата еднаквост и еманципацијата на жените, што меѓудругото подразбира и слободно вклучување во пазарот на трудот, се продолжи традицијата обврските во домот да останат изворно женски. Терминот двоен товар или двоен ден, е феномен каде жената има платено работно место на пазарот на трудот, а потоа доаѓа дома работи неплатена домашна работа во домот. Поради општествените норми и очекувања, товарот на неплатена работа првенствено паѓа на жената во домаќинството, дури и ако таа и нејзиниот сопруг работат исти часови на пазарот на трудот.¹ Во просек, жените поминуваат два пати повеќе време од мажите на работа во домаќинството и четири пати повеќе време грижејќи се за децата во домот. Двојниот товар се нарекува и „Втората смена“ во книгата на Арли Хошчилд кој ја објаснува премореноста, фрустрирачката секојдневна реалност на жените кои работат на работа и потоа доаѓаат дома и работат уште една смена во домашни обврски.

Двојниот товар во време на пандемија уште повеќе помогна да се зголеми родовиот јаз, каде во Република Северна Македонија учеството на жените на пазарот на трудот е 48,4 %, додека процентот на мажите кои се вработени во формалната економија е 70%. Ваквата разлика е една од најголемите разлики во Европа.² Праксата на извршување на домашната работа резултира со помалку време и можност жените да се вклучат во платена работа. Притоа, на овој начин ги пополнуваат празнините на системот, со тоа што тие ја обезбедуваат грижата за семејството и ја спроведуваат социјалната и здравствена заштита чие обезбедување е задача на системот… Истражувањата покажуваат дека податоците и пред кризата беа алармантни поради тоа што жените извршуваа 72% од неплатената работа во домот, поврзана со грижа за семејството и домаќинството. Во време на пандемијата на овој процент треба да се додаде и времето поминато во грижа за болните во семејството и неможноста да се оди на работа поради тоа што училиштата и градинките беа затворени.

Жените се вклучија на пазарот на трудот и тоа беше револуција, но местата каде што одеа на работа и мажите кај кои се враќаа дома не ја направија соодветната промена. Ниту пак, државата создаде политики кои ќе ѝ олеснат на жената да биде активен дел од економскиот и политичкиот живот.

Сепак, добрата вест е дека во светот скоро 50 % од жените се во работен однос и овој процент само ќе се зголемува во иднина. На меѓународен план се прават различни заложби за унапредување на оваа состојба, па така двојниот товар и неплатената работа се дел од целите на Обединети Нации за Агенда 2030. Но и европските политики ја препознаваат потребата од овозможување на подобар баланс меѓу работата и професионалниот живот од една страна, како и еднаква распределба на домашните обврски од друга страна. Така, Европската Унија донесе Директива за рамнотежа помеѓу животот и работата за родители и негуватели³, а чии првенствени цели се фокусирани на тоа татковците или старателите да искористат татковско отсуство во периодот на раѓање на нивното дете; право на родителско отсуство во време од 4 месеци, од кои 2 месеци се непреносливи меѓу родителите и се платени, како и проширување на правото за барање флексибилни работни ангажмани за негуватели и родители во работен однос на деца до осум години.

Целта на овие политики е да се подобри рамнотежата меѓу професионалниот и семејниот живот, но и да се зголеми вработеноста на жените и економската стабилност на семејствата.

Како држава имаме долг пат за имплементација на ваквите закони кои одат во корист на сите граѓани. Кај нас, Законот за работни односи нема можност за поделено родителско отсуство и стимул за користење на татковско отсуство. Единствениот начин кога таткото може да земе родителско отсуство е доколку мајката не го користи отсуството кое ѝ следува. Таа мерка речиси и да не се користи. Потребно е да се воведе концептот за задолжително родителско отсуство, време кое е исклучително важно за креирање на поврзаност помеѓу секој од родителите со децата и за стекнување на вештини и самодоверба, дека бидувањето добар родител не е родово предодредено, туку е прашање на време и личен влог.

Дополнително, законски не се креирани можности за флексибилното работно време како и скратеното работно време по желба на работникот или работничката, кои би го олесниле усогласувањето на професионалниот со приватниот живот. Оваа можност во законот постои само во одредени ситуации.

Уште од самите почетоци на оформување на семејството, кај жените постои страв од лишување од јавниот живот, губење на себеси поради потребата да се посветат на семејството и чувството на вина доколку се одбере „нетрадиционални“ начин на растење на децата. Токму во овој дел доаѓа и менталниот товар. Менталниот товар е продукт на вообичаеното организирање на едно просечно домаќинство во кое еден од партнерите, обично жената, има улога на „микро-менаџер“, а другиот партнер, обично мажот, има подредена улога или попасивен пристап кон извршувањето на домашните обврски т.е. очекува да добива инструкции и насоки за тоа што треба да прави. Чувството на одговорност кое го имаат жените во домот, планирањето, организирањето и спроведувањето на активностите, треба да се задачи кои се поделени помеѓу партнерите и товарот на домот да се носи заеднички.

 

 

Како да дојдеме до заеднички пристап за заедничка цел?

 

 

За да го смениме начинот на кој живееме, прво треба да се ослободиме од товарот кој го носи традицијата. Товарот да се грижиме „што ќе кажат“ постарите, семејството и работодавачите, товарот секому да му се допаднеме и да бидеме примерни согласно општествените норми. Товарот дека доколку одбереме значајна работна позиција, помалку ќе се грижиме за семејството.

Често, големите несогласувања и незадоволство се случуваат кога двајца партнери ќе добијат дете и ќе се соочат со зголемени обврски во семејниот живот. Според книгата Родителство на шведски начин, најдобар начин да се спречи оваа негативна појава е да се направи партнерски договор. Договорот треба детално и прецизно да ги испланира поделбата на задачите: од миење на садови, до тоа кој е одговорен за ноќната смена. Некој ќе рече дека овој начин е детски и неромантичен, но нема ништо лошо во тоа да се залагаме за правилна распределба на обврските во домот. Напротив, доколку завршуваме поголем дел од обврските, кога-тогаш ќе се појави чувството на огорченост кое само ќе се зголемува, доколку не може да ги задоволиме потребите за слобода, време, приход…

Семејниот живот, двојниот и менталниот товар, секојдневните обврски често може да нè изморат и да нè одвлечат од плановите што ги имаме за себе, за одмор, за образование, за промена на работно место или пак за унапредување. Кога ќе имаме потреба за себеактуелизација, а патот до целта е тежок, не треба да се откажеме, туку да се реорганизираме. Потребно е државата и работодавачите да застанат во одбрана на родовата еднаквост, пред сè со поттикнување на користење на родителско отсуство од двајцата родители и флексибилно работно време. Да се создаваат партнерски договори кои ќе рефлектираат фер семејни права и обврски.

Револуцијата за правото на глас и работа ја издвојуваа нашите баби и мајки. Борбата на нашата генерација е за целосна родова еднаквост, на работа, но и дома, за следната генерација всушност да го живее тоа.

 

 

 

 

Авторка: Сандра Анастасовска

извор: Медуза

¹MacDonald, Martha; Phipps, Shelley; Lethbridge, Lynn (March 2005). „Takings Its Toll: The Influence of Paid and Unpaid Work on Women’s Well-Being“. Feminist Economics. 11

²Реактор истражување во акција: Родов аспект на социјалните и економските ефекти од кризата предизвикана од пандемската криза со коронавирусот (COVID 19)

³Јованова. Ј, Промена на родовите улоги во Европска Унија и во Република Македонија

Back to top button
Close