Шукова: Скопје повторно на листата на најзагадени градови во светот, ВМРО-ДПМНЕ ништо сериозно не презема

Денес на прес-конференција, потпретседателката на СДСМ Каја Шукова рече дека борбата против загадениот воздух е долг процес кој бара континуирана посветеност, стратешки и конкретни мерки од власта и институциите.

„Шест месеци како власта на ДПМНЕ ја презеде одговорноста за жал гледаме дека нешто сериозно не се презема. Граѓаните се оставени сами на себе. Скопје, главниот град на нашата држава, повторно е на листата на најзагадени градови во светот. Според извештаите на УНИЦЕФ, граѓаните на Скопје, Тетово, Куманово и Велес дишат загаден воздух повеќе од 3 месеци. Светската банка, пак, алармира дека загадувањето годишно убива 2.800 наши сограѓани.

Овие податоци се алармантни и бараат нужна институционална акција која досега изостанува. Каде се ветувањата на Мицкоски и ВМОР-ДПМНЕ? Кога беа во опозиција, најавуваа 1 милијарда евра за инвестиции во чист воздух и намалување на загадувањето за 50%. Тие ветувања денеска се покажаа како една голема лага. Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што не презема сериозни мерки, туку дополнително ги намалува средствата за борба против загадувањето на воздухот за 51% а во буџетот 2025 година ги нема ниту еколошките програми кои со години се реализираа успешно“, рече Шукова.

Таа ја спореди и работата на актуелната власт со мерките преземани од СДСМ:

„Преку буџетот на МЖСПП и во соработка со нашите стратешки партнери, Владата на СДСМ инвестираше околу 3 мил евра во модернизација и подобрување на функционалноста на  на државниот автоматски мониторинг-систем за квалитет на воздухот, кој овозможува достапност на податоците во реално време до секој граѓанин.
Во целост се реализираше Оперативната програма за одржување на овој систем, која вклучуваше набавка на нови мониторинг станици и резервни делови за одржување на системот, кој сегашната Влада го наследи како комплетен и функционален. Но не гледаме дека нешто сега се прави.
Некои мерки што сега се презентираат како „нови” од сегашната Влада се всушност продолжение на нашите успешно спроведени политики. На пример:
●      Мерката за „квалитетно огревно дрво” беше воведена од СДСМ и поддржана со интензивни медиумски кампањи со наслов „Топли препораки”
●      Субвенциите за замена на нееколошките системи за греење со инвертер клими и други еколошки опции се доделуваат веќе години наназад
●      Градот Скопје уште во 2020 година воведе бесплатна услуга за отстранување на остатоци од бербата за да се спречи палењето стрништа.
Дополнително, за реализација на програмата за воздух, во буџетите од 2019 до 2021 година беа издвоени и успешно реализирани повеќе од 300 милиони денари. Парите се реализираа во општините низ државата за замена на нееколошките системи за затоплување и енергетска ефикасност во јавни објекти.
За жал, ваква финансиска програма не е предвидена со буџетот за 2025 година, предвидени се 0,00 денари, ниту пак слични активности финансиски поддржани од буџетот кои ќе допринесат за намалување на загадувањето на воздухот.
Ова е разликата помеѓу вистинската посветеност и добро осмислените политики кои носат резултати, што не е случај со ДПМНЕ кои покажуваат голема неспособноста да се справат со проблемите во животната средина.
СДСМ останува посветена на подобрувањето на животната средина и здравјето на граѓаните, силно ќе се бориме против погрешните политики на власта,  но и со одржливи предлог решенија“.

Back to top button
Close