Шведска: истекувањето на гасоводите во Балтичкото Море, можна саботажа
Шведската полиција соопшти дека покренала прелиминарна истрага за можна саботажа поврзана со истекување на гасоводите „Северен тек“ во Балтичкото Море, откако сеизмолозите од Шведска и Данска соопштија дека забележале силни експлозии во областите во близина каде што биле пронајдени докази за истекување. Портпаролот на националната полиција изјави дека шведската полиција „утврдила извештај и дека класификацијата на криминалот е груба саботажа“.

Советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак наведе дека пријавените истекувања на гас се „ништо повеќе од терористички напад планиран од Русија и акт на агресија кон ЕУ“. Тој ја обвини Русија дека сака да ја „дестабилизира економската ситуација во Европа и да предизвика пред-зимска паника со намерно нарушување на европската енергетска инфраструктура.
Русија, која заедно со Европа потроши милијарди долари за изградба на гасоводите „Северен тек“, претходно изјави дека е „крајно загрижена“ поради истекувањето. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека не може да ја исклучи можноста од саботажа.






