Шведската министерка за надворешни работи и претседавачката со ОБСЕ Ан Линде во посета на С Македонија

Претседавачката со ОБСЕ, шведската министерка за надворешни работи Ан Линде, денеска и утре е во посета на Северна Македонија.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје соопшти дека посетата на Линдe е фокусирана на спроведувањето на стратешките реформи во земјата, владеењето на правото, доброто владеење, активностите во борбата против организираниот криминал и корупцијата, унапредувањето на слободата на медиумите и социјалната кохезија. Таа ќе разговара и за важноста на регионалната стабилност и безбедност, вклученоста и партнерството со ОБСЕ.

Предвидено е Линде утре да се сретне со премиерот Зоран Заев и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и со пратеници и претставници на граѓанското општество.

Северна Македонија ќе претседава со ОБСЕ во 2023 година, а треба да се приклучи на Тројката од 1 јануари 2022 година, што е формат на соработка помеѓу сегашното, претходното и следното претседателство.

Back to top button
Close