Сиљановска-Давкова по повод Меѓународниот ден на Бошњаците: Посакувам меѓусебно да се почитуваме и разбираме во градењето заеднички дом

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова на Бошњаците во Македонија им го честита 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците.

Како што наведува во честитката, Бошњаците се релевантен субјект во политичкото одлучување и економскиот развој на земјата и имаат не само уставно загарантирано право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет, туку и реално да го остваруваат.

-Вие не сте само припадници на еден етнос, туку и важен човечки капитал. Вие, Бошњаците, имате не само уставно загарантирано право слободно да го изразувате, негувате и развивате својот идентитет преку културни, уметнички и образовни институции и здруженија, туку и реално да го остварувате. Вие, Бошњаците, сте релевантен субјект во процесот на политичко одлучување, и во економскиот развој. Вие, Бошњаците, имате долга, автентична и богата национална приказна, којашто ја пишуваа вашите претци, денес ја пишувате Вие, а ќе ја пишуваат и генерациите по вас. Посакувам младите Бошњаци да растат, да учат, да се образуваат и да се радуваат во мирна, здрава, демократска, солидарна, компетитивна и просперитетна европска држава. Посакувам меѓусебно да се почитуваме и разбираме во градењето заеднички дом на рамноправни и среќни граѓани, во којшто, различностите ќе се почитуваат, а вредностите и принципите ќе не обединуваат, без оглед на етничката и верска припадност, истакнува претседателката Сиљановска-Давкова во честитката.

Back to top button
Close