Си-ен-ен: Можно е руската противвоздушна одбрана да го соборила азербејџанскиот авион во Казахстан

Мистеријата за причините за падот на азербејџанскиот патнички авион во Казахстан сè уште е присутна, иако првичните индикации не исклучуваат дека можеби тој е соборен од руските сили за противвоздушна одбрана, пренесува Си-ен-ен. Пронајдена е втората црна кутија, која се очекува да ја расветли причината за несреќата.

И Си-ен-ен објави дека првичните сомнежи укажуваат на соборување, односно се претпоставува дека руските единици веројатно ја згрешиле целта кога се бранеле од украинските беспилотни летала и така го собориле азербејџанскиот авион.

Над Каспиското Море пилотот на патничкиот авион пријавил во контролата на летање дека ГПС-сигналот е изгубен и дека има проблем со леталото. Се упатил кон аеродром во Русија, но потоа рекол дека нема да издржи оти има висок притисок во кабината и авионот ја губи контролата.

Откако контролата на летање соопштила дека не може добро да го слушне екипажот, авионот исчезнал од радарот за околу 37 минути. Повторно да се појавил на радарскиот сигнал кога се обидувал да слета во Казахстан. Авионот потоа се урна во градот Актау, Казахстан.

Првите информации укажуваа дека летот е пренасочен кон Казахстан поради густата магла на аеродромот во Грозни, но и дека постојат сомнежи дека авионот удрил во јато птици.

Според Ројтерс, официјалните лица немаат објаснување зошто авионот го преминал морето, па потоа се урнал, но се посочува дека несреќата се случила набргу откако нападите со беспилотни летала го погодиле јужниот дел на Русија.

Еден од изворите на Ројтерс вели дека првичните резултати укажуваат на тоа дека авионот бил нападнат од рускиот систем за воздушна одбрана „панцир-С“, како и дека комуникациските системи на авионот биле парализирани од руски електронски систем за војување во во близина на градот Грозни во руската република Чеченија.

Судир со јато птици или лоши временски услови –различни верзии за причините за уривањето на авионот во Казахстан

Но, како што објавуваат светските медиуми, видеоснимката од остатоците од урнатиот авион укажува дека е соборен со проектил, затоа што на трупот има оштетувања кои веројатно се предизвикани од шрапнели.

И преживеаните патници изјавија дека прво се слушнала експлозија, а потоа авионот почнал да паѓа.

Според казахстанските власти, во несреќата предизвикана од падот на патничкиот авион кој вчера се урна во близина на градот Актау, Казахстан, загинаа 38 лица, а 29 се преживеани, но голем дел од нив се во животно загрозувачка состојба. Меѓу преживеаните има и две деца.

Back to top button
Close