Сибирски тигар уби чуварка во зоолошката во Цирих
Женка од видот сибирски тигар убила 55-годишна чуварка во зоолошката градина во Цирих, соопштија властите.

Спасувачките екипи не можеле да ѝ помогнат на жената која починала на самото место.
Нападот го пријавил посетител на зоолошката градина, по што персоналот ја намамил тигрицата Ирина да се оддалечи од жртвата и животното се повлекло во своето живеалиште, соопштија од полицијата и администрацијата на зоолошката градина.
Околностите за нападот се истражуваат.
Во истото живеалиште живее и четиригодишен мажјак по име Сајан.
Ирина и натаму останува во зоолошката градина каде дошла пред една година од друга зоолошка, со цел да ја замени женката која угинала по борба со Сајан.
Сè уште не е јасно зошто чуварката и тигрицата биле во затворен простор во исто време, информираат од раководството на зоолошката.