Сиера Леоне ги забрани детските бракови

Државата Сиера Леоне официјално ги забрани детските бракови, а претседателот Јулиус Маада Био потпиша закон за укинување на сè уште распространетата практика.

Поддржувачите на новиот закон се надеваат дека тој подобро ќе ги заштити девојчињата во Сиера Леоне, од кои околу една третина стапуваат во брак пред да наполнат 18 години, зголемувајќи ја стапката на мајчинска смртност поради физичките ризици со кои се соочуваат во бременоста, соопшти Министерството за здравство.

Според законот, секој маж кој ќе се ожени со девојка помлада од 18 години може да се соочи со најмалку 15 години затвор и парична казна од околу 4.000 долари. Родителите или оние кои присуствуваат на такви свадбени церемонии, исто така, може да се соочат со парични казни.

Американската канцеларија за африкански прашања го поздрави усвојувањето на законот како „важна пресвртница која не само што ги штити девојчињата, туку промовира силна заштита на човековите права“.

Западна и Централна Африка имаат највисока стапка на детски бракови во светот и таму живеат речиси 60 милиони деца-невести, според УНИЦЕФ.

Законот би требало да го „прекине циклусот на раниот брак и неговите погубни последици“, вели истражувачката на Хјуман рајтс воч, Бети Кабари.

– Ова исто така го отвора патот за другите африкански земји, како што се Танзанија и Замбија, да ги укинат законите што дозволуваат детски бракови, нагласи таа.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close