Силно ехо по потерницата за воени злосторства за Путин

Американската влада го поздрави издавањето потерница за рускиот претседател Владимир Путин од страна на Меѓународниот кривичен суд. Американскиот претседател Џо Бајден смета дека чекорот е оправдан, а судот располага со силни аргументи, Путин недвојбено извршил воени злосторства.

Меѓутоа, Меѓународниот кривичен суд не е општо признат, додава Бајден: „ниту кај нас“. Покрај Русија, ни САД, ниту пак Кина го признаваат Меѓународниот кривичен суд, од аспект на правниците, за да ги заштитат нивните одговорни политичари и војници од Судот, Римскиот статут го имаат ратификувано околу 120 држави.

Налогот за апсење од Судот со седиште во холандскиот град Ден Хаг е издаден поради обвинување за киднапирање деца од окупираните области во Украина и нивно депортирање во Русија. Според украинската влада, заклучно со февруари годинава, повеќе од 16.000 деца се одземени од Украина и насилно префрлени во Русија или во подрачја под руска контрола. Шефот на руската државасе сомничи дека е лично одговорен за овие злосторства, а за истото дело е издадена потерница и за комесарката за заштита на детските права во Путиновата претседателска администрација, Марија Лвова-Белова

 

Киев зборува за „историска одлука“

„Тоа значи дека Путин и Белова можат да бидат приведени на подрачје на земјите кои го имаат потпишано Римскиот статут“, објасни синоќа шефот на бирото на украинскиот претседател во Киев, Андриј Јермак, на Телеграм.

Ни Украина го нема ратификувано Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд, но земјата сепак ја признава надлежноста на судиите за извршените воени злосторства на нивна територија од 2014 година наваму. Јермак ја истакнува систематската соработка на Киев со Меѓународниот кривичен суд (МКС).

Главниот обвинител на МКС, Карим Кан, пред една година започна истрага поради постоење сомневање за извршени воени злосторства и злосторства против човештвото. Кан три пати и лично беше во Украина, меѓу другото и во околината на Киев, во Буча, заради истрага на сомневањата за масакр.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски одлуката на МКС ја смета за историска. „Лидерот на една терористичка држава и една руска функционерка официјално се осомничени за воено злосторство. Би било невозможно извршување на таква злосторничка операција без согласност од човекот на чело на терористичата држава“, изјави Володимир Зеленски во видео пораката во петокот вечерта (17.03.).

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер напиша: „Ја поздравувам одлуката на МКС. Меѓународните криминалци ќе одговараат за кражба на деца и други меѓународни злосторства.“

Во првата реакција на налогот за апсење, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова на Телеграм изјави дека Кривичниот суд во Хаг за Русија нема значење:

„Одлуките на Меѓународниот кривичен суд немаат никакво значење за нашата земја, па ни во правен смисол.“

Шефот на ОН е отворен за разговори со Путин

ОН избегнаа директна реакција на налогот за апсење кој МКС го издаде за рускиот претседател Владимир Путин.

Стефан Дижарик, портпарол на генералниот секретар на ОН; Антонио Гутереш, во преден план ја истакнува спремноста за натамошни разговори, истакнувајќи дека ОН и МКС се одвоени организации:

„Генералниот секретар секогаш ќе разговара со секого со кого е неопходно да се разговара.“

Жозеп Борел и Марко Бушман ја поздравија одлуката на МКС

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жизеп Борел на Твитер напиша: „Овој чекор е само почеток на процесот на повикување на Русија на одговорност, таа не смее да остане неказнета.”

Одлуката на МКС позитивно ја вреднува и германскиот министер за правосудство, Марко Бушман:

„Секој, кој како Путин започнал крвава војна, би требало да одговара за тоа пред суд. Издадениот налог за апсење е важен сигнал за одлучноста”.

Што може МКС, а што не може

Меѓународниот кривичен суд постои од 2002 година. Негов претседател од 11 март 2011 година е Пјотр Хофмански, Полјак по националност. Судот може само да издаде налог за апсење, но меѓународната заедница мора да го спроведува, истакнува тој.

Во МКС во Ден Хаг не е можно судење во отсуство. Апсењата мора да ги извршат земјите кои потпишале спогодба со МКС, односно го ратификувале Римскиот статут. Покрај Русија, САД и Кина, три од вкупно пет постојани членки во Советот за безбедност на ОН, тоа на пример го немаат направено ни Индија, Турција и Израел.

Сегашната правна ситуација на Меѓународниот кривичен суд му овозможува подигнување обвиненија за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид.

МКС не е во можност против Путин да подигне обвинение за злосторство агресија, односно агресорска војна, зашто тоа е ограничено само на лица од држави кои пристапиле кон Римскиот статут.

Back to top button
Close