Tри лица загинаа, а 36 се водат како исчезнати по пожар во фабрика за слатки во Индонезија

Најмалку три лица загинаа, четири се повредени, а 36 работници се водат како исчезнати по големиот пожар што избувнал во фабрика за слатки во западниот дел на островот Јава во Индонезија.Пожарот избувнал синоќа, а денеска продолжува акцијата за пребарување и спасување, пренесува Ројтерс.
Според досегашните информации, спасени се 15 лица, од кои четири биле пренесени во здравствени установи поради здобиените повреди.
Роднините на исчезнатите жртви се собраа во близина на влезот на фабриката, барајќи информации за своите најблиски.
Фабриката „Фонуса Агунг Мулија“, која се наоѓа во округот Серанг, на околу 50 километри од главниот град, се запали во саботата попладне, изјави претставникот на локалната агенција за пребарување и спасување, Ризки Двианто.
,,Сите елементи на заедничкиот тим за пребарување и спасување вложуваат максимални напори за да ги лоцираат жртвите, давајќи приоритет на безбедноста на персоналот на терен“, додаде тој.
Гувернерот на покраината Бантен, Андра Сони, им изјави на новинарите во текот на ноќта дека околу 60 луѓе биле во фабриката кога се запалила.
Производителот на слатки Фонуса Агунг Мулија се опишува себеси на платформата за професионално вмрежување LinkedIn како подружница на UNIFAM, една од најголемите компании за потрошувачка храна во југоисточна Азија.
Причината за инцидентот сè уште е под истрага, соопшти локалната агенција за катастрофи.
Во декември минатата година, пожар, кој веројатно бил предизвикан од експлозија на батерија од дрон, проголта седумкатна зграда во Џакарта и уби најмалку 22 лица, соопшти полицијата. Во 2023 година, најмалку 13 лица беа убиени на истокот на земјата по експлозија во фабрика за преработка на никел.







