Синдикалците излегуваат на улица

Сојузот на синдикатите на Македонија по Одлука на Претседателството на ССМ од 28.03.2025 година, на 02.04.2025 година (среда) со цел да го изрази јавното мислење заради остварување на социјални и економски интереси за заштита на работничките права и правото на слобода на здружување и синдикалното организирање, организира јавна седница на органите и телата на ССМ и органите и телата на синдикатите здружени во ССМ.

Седницатa ќе започне од пред Работнички дом (зграда на ССМ) со седиште на улица 12 Македонска ударна бригада бр.2-а, Скопје (нова Мирче Ацев бр.6) во 12.05 часот.

Членовите оргните и телата на синдикатите и работниците кои ќе учествуваат на јавната седница која ќе започне пред Работнички дом ќе продолжат до Собранието, Стопанска комора и Владата каде што ќе продолжи одржувањето на седницата од која ќе се упатат пораки:

1. НЕ МОЖЕ ДА ИМА ЗА ПРАТЕНИЦИТЕ, А ДА НЕМА ЗА РАБОТНИЦИТЕ !

Пратениците во Собранието избрани од работниците да го предложат и гласаат предлогот на ССМ за дополнително зголемување на минималната плата за 6.000 денари, како и зголемување на сите останати плати во приватниот сектор со зголемувањето на минималната плата.

Да не гласаат Закони со кои се намалуваат работничките права на штета на работниците, онака сложно како што не гласаат Закони за намалување на нивните привилегии.

 

2. ПОДАДЕНАТА РАКА НА РАБОТНИКОТ ДЕНЕС, МОЖЕ ЛЕСНО ДА СТАНЕ СТИСНАТА ТУПАНИЦА УТРЕ !

Газдите од Стопанската комора да ја прифатат подадената рака на работниците за зголемување на платите со цел задржување на квалификуваните работници во Македонија поради тоа што најмалку 15.000 работници и граѓани ја напуштаат Македонија секоја година, па доколку не се зголемат платите, тие ќе бидат главниот виновник за егзодус на работниците од Македонија.

 

3. НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОДЛУЧУВА ЗА НАС, БЕЗ НАС !

Владата да застане на страна на работниците, да престане да одлучува еднострано на штета на работниците, да го почитува социјалниот дијалог и да ги запре нападите кон синдикатите и обидите да се замолчат работниците.

Владата како најголем работодавач, да ги зголеми платите на вработените во јавниот сектор согласно Општиот колективен договор за јавен сектор, гранските колективни договори, колективните договори на ниво на работодавач, како и да ги усогласи со минималната плата согласно посебните закони.

Back to top button
Close