Сирија не треба да се претвора во засолниште на терористички групи, порачува шефот на египетската дипломатија

Египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати ги повика регионалните и меѓународните сили да спречат Сирија да стане центар на терористичките групи кои ќе го загрозат регионот, пишува весникот „Ал Ахрам“.

Во обраќањето на министерскиот состанок за иднината на Сирија во Ријад, Абделати ја истакна потребата од регионална и меѓународна соработка за да се осигура дека „Сирија нема да стане извор на нестабилност или засолниште за терористичките организации“.

Во главниот град на Саудиска Арабија се одржаа две сесии. Првата собра претставници на арапските земји, додека втората имаше пошироко учество, вклучително и претставници од Европската унија (ЕУ), Обединетите нации (ОН) и Турција.

Абделати повика и на воспоставување инклузивен политички процес во Сирија кој ги вклучува сите сегменти на општеството, ја зема предвид верската и етничката различност и им овозможува на различни политички сили да управуваат со преодната фаза во согласност со резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН. Тој ја истакна потребата од зачувување на единството, стабилноста, безбедноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија, како и поддршката за нејзините државни институции.

Тој го осуди навлегувањето на Израел во тампон зоната меѓу Израел и Сирија на Голанската висорамнина и повика на повлекување на израелските сили и почитување на договорот од 1974 година.

Back to top button
Close