Сироти тие, цената ќе ја плаќале
Треба понизно и покорно да се согласиме со премиерот Христијан Мицкоски, кој смета дека за почеток на преговори со ЕУ “ако треба ќе чекаме со децении” и дека „колкава и да е таа цена што треба да ја платиме, оваа Влада е подготвена да ја плати“. Ако мисли на цената да ја изгуби власта, не смее да му дозволиме. Секогаш пред нашиот живот, треба да го ставаме оној на лидерот и на партијата на власт, најважно е како тие ги преживуваат овие тешки времиња.
Нивните плати од неколку илјадници евра се и наши плати, во смисол што ние ги плаќаме со најголемо задоволство, спремни на жртвата ние да имаме неколку пати помали. Но, што е таа цена, во однос на нивниот безгрижен живот, нивните привилегии.
Радоста нивна е и наша веселба, секој ден стравуваме да не се изнервираат како министерот за добро владеење Арбен Фетаи и да престанат да одат на работа. Сега никој од Владата, министерката за финансии Кочовска, министерот за внатрешни Тошковски, пратеникот Антонио Милошоски, дури ни премиерот, никој не сака да каже дали тој политички великан оди на работа, дали зема плата, дали има обезбедување, дали ќе доаѓа на пратенички прашања, дали можеби сме го навредиле, него, нив, нека кажат конечно.
Да се постелиме пред Владата, за да не догазат, како казна што сме прашале-како не ви е срам да криете, а сме сакале само да додадеме-зарем мислите дека ќе бараме кривична одговорност, морална, каква и да било, зарем сме луди? Нам ни е чест што живеете богат и исполнет живот, со вашите илјадници евра плата, луксузни автомобили, банкарски картички, патувања, кои ние ви ги финансираме, за вие да не плаќате никаква цена додека сте вие, а и ние живи. Затоа и нема потреба ништо да ни кажуваат, како ги трошат нашите пари.
Не сакаат да кажат колку ќе чини прославата на 8 Септември, со оперскиот пејач Хозе Карерас и диџејот Дејвид Гета. Кои сме ние да ни кажат? А знаете ли кои се тие? Тие горе, ние доле. Што повеќе погоре, тоа ние подоле. А кога се треснува од најгоре, најмногу боли она доле што станало најдоле. Но, тоа е цената, има ли некој да му појасни на премиерот Мицкоски.







