Сите естетски критериуми имаат врска со искреноста

Зданието на УКИМ е дело на Марко Мушич, еден од најистакнатите словенечки архитекти, кој оваа година ќе ја добие наградата Prešeren, најголемото признание на земјата за уметнички достигнувања. Во 1960-тите и 1970-тите години Мушич остави свој белег во градовите на поранешна Југославија, од Загреб преку Белград до Скопје и Битола. Како што вели самиот тој: „Тоа беше период на ентузијазам, верба во архитектурата, нови можности, и секако конкурентност“.

Неговите дела, меѓу кои е и УКИМ, беа преставени и на големата изложба на Југословенската архитектура „Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia, 1948-1980” во МоМА во Њујорк во 2018 година, изложба која „за првпат ја воведува исклучителната работа на водечките архитекти од овие простори пред меѓународната публика, истакнувајќи значајно, но досега недоволно проучено тело на модернистичката архитектура, чие прогресивно размислување се уште одекнува.“

Објектот на УКИМ (импресивна бетонска структура), како и неговата внатрешност (сурови бетонски површини надополнети со топлина на дрвото), е замислен како тотален дизајн. Без оглед дали набљудувачот се согласува со концептот на архитектот или не, тој јасно ја чуствува силната меѓусебна врска помеѓу екстериерот и внатрешноста – и оттаму естетското единство и успех.

И додека студентите и професорите на УКИМ отсекогаш сме ја имале привилегијата да престојуваме во архитектонски значајно здание, можеби никогаш до крај не ни било овозможено да ја доживееме (или разбереме) севкупната естетика на просторот.

Безбројните сакатења на внатрешноста на некои од факултетите (со „модерни“ реновирања, кичести орнаменти, пластифицирани подови…..) и на природата околу (узурпација на кампусот и натурање на грда зграда (нов факултет) во центарот на зеленилото), заедно со ниските стандарди на одржување, се само дел од подлабока структурална трансформација на генералната идеја за јавниот простор денес. И УКИМ не е исклучок од долгогодишната трансформација на градот како девијација од неговиот модерен карактер, нешто што го претвора во новата престолнина на кичот, во која природата му пречи на капиталот, и која покажува колку квалитетот на урбаното одржување влијае на урбаната граѓанска култура.

Како и да е, едно од последните реновирања на Правниот факултет при УКИМ, неговата читална, е зафат кој ја почитува естетиката на ова здание – како еден вид на проценка, еден вид на став, еден вид на искуство и еден вид на вредност.

Архитектот комплетно свесен за вредноста на ентериерот, не паднал во искушение да го редизајнира просторот, туку со мали интервенции само ја зајакнал неговата убавина и функционалност. И има нешто многу искрено во сето тоа. Сите естетски критериуми имаат врска со искреноста. Некои естетичари ја споредуваат убавината со вистината и нема сомнеж дека искрено изразените функции и искрено изразените материјали (вредно дрво, метал, бетон и стакло) се далеку поубави од имитациите.

Иако генерална дефиниција за убавина или естетика би било тешко да се постави, постојат голем број на општо прифатени принципи кои можат да се користат за да се постигне разбирање на естетските консидерации во дизајнот. Сепак, мора да се забележи дека таквото разбирање бара изложеност и учење; за ценењето на било која форма на уметност е потребна таква позадина.

Му благодариме на раководството на факултетот за изборот на арихтектот и секако на самиот архитект за оваа „интервенција“ која ја задржува и засилува првичната естетика на просторот, која е сеуште прогресивна како и во годините кога УКИМ е изграден.

Елена Михајлова

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close