Скопје: Храбрите го ослободија, алчните го заробија

Секое ритуално убивање на градот почнува со ветувања за повисоки цели, кои потоа го водат во нова регресија. Слободно Скопје е заробен град во слободен пад – културен, економски, инфраструктурен…

Било студеникаво утро, налик на денешново. Веел ситен снег, додека македонските борци низ скопските улици ги воделе завршните битки против фашистичките окупаторски единици – кај учителската школа, поштата, хотелот „Македонија“, женската гимназија, Камени мост, тогашната железничка станица, Народна банка, на Водно, Матка…. Од моментот кога знамето на победата се развиорило на зградата на Офицерскиот дом, испраќајќи ја пораката – Скопје е ослободено, до денес изминаа 80 години. За ослободувањето на Скопје животот го дале над 420 борци.

Денес ќе биде оддадена почит кон неговите ослободители со цвеќе пред нивните почивалишта и споменици, со свечености, со историски лекции. Но, сите тие церемонии се лишени од поуки.

Осумдесет години подоцна, слободно Скопје наликува на град на патерици. На град кој штотуку излегол од битка, врзан со „шанцова кравата” околу вратот, со отворени инфраструктурни рани и скршеници од бројни удари. Градот денес безуспешно си ги пребројува куќите кои една по една му се отуѓуваат, исчезнуваат под силата на ГУП-овски и ДУП-овски „пасоши” кои алчно му го крадат и зеленилото.

Поразен е од градежни „новоборци“ кои му роварат и копаат по лицето, го моделираат според нивната претприемачка „естетика“, моќни дури и да избришат имиња на улици, бидејќи историјата почнува од нивните инвестициски циклуси, добро подготвени да го избулдужираат највредното од меморијата на градот. Нивната офанзива, платена со многу (наши) пари и прилично вешта да ги изоди сите корупциски коридори до целта, се покажа надмоќна над граѓанскиот отпор.

 

Скопје како слободен и како заробен град

Така, денес го имаме слободно Скопје како израз на парадокси: во исто време како рана и како нож, како слободен и како заробен град.

Последиците што го обликуваат градот секогаш траат подолго од процесите што ги нив ги предизвикале. Децениските рефрени за градот Феникс што одново се раѓа од пепелта по сите катастрофи, не се покажаа сосема точни. Повеќе половични. Градот денес е на половина пат, во своевиден процеп. Далеку е од физички рурализиран (повеќе духовно), но и далеку од плански модернизиран. Неговиот идентитет беше повеќеслојно надградуван со разни експерименти, кои не беа одраз само на архитектонско-урбанистички, визуелни, емотивни или идеолошки пристапи во неговото градење, туку и на дисконитинуитетот на ефикасни институции и владеење на правото, резултат на самоволие, неодговорност и некомпетентни решенија.

И во периодите кога беше ослободен од натамошна доминација на индивидуални нарачки за неговиот изглед, градот не се спаси од нова девастација. Не е важно дали станува збор за јавен превоз, за пречистителна станица, за депонии, за океани од смет во срцето на градот или за распаѓање на урбаната опрема. Поразот е во сознанието дека секое негово ново ритуално убивање почнува со ветувања за повисоки цели, кои потоа го водат во нова регресија. Слободно Скопје денес е заробен град во слободен пад – урбан, културен, економски, инфраструктурен, развоен…

Граѓаните го гледаат и чувствуваат тоа секој ден. Не само тие. И туристите. И амбасадорите што повеќе пати во годината ни го чистат сметот. Проблемот е кога тоа не го чуствуваат тие што по функција се обврзани да работат за решавање на градските проблеми. Тие што имаат високи претензии за власт, ниска свест за потребите на градот и уште пониска одговорност.

Токму тие денес први ќе се истопорат да се пофалат со „успесите“ кои никој не ги гледа. Да кажат дека ставиле ново камче во мозаикот на градот, иако не заковале ни шајка. Потоа ќе се вратат во кабинетите и ќе чекаат да падне снег, пообилен од оној 13-ти ноември пред 80 години, надевајќи се дека снегот ќе го покрие она што окото на граѓанинот не сака да го види – сеопштиот хаос. (dw)

Back to top button
Close