Случај без преседан во американската историја: Што ако Доналд Трамп заврши во затвор?

Од 1920 година и Јуџин Дебс, кандидатот на Социјалистичката партија, во САД нема претседателски кандидати кои биле осудени за кривично дело. Тоа сепак се смени со пресудата на њујоршкиот суд со која Доналд Трамп беше прогласен за виновен по сите точки од обвинението за фалсификување деловни документи. И додека Дебс, пред повеќе од еден век, освои помалку од милион гласови и беше на третото место на изборите, сите испитувања на јавното мислење покажуваат дека Трамп би можел повторно да стане претседател на Америка.

„Ова беше монтиран судски процес со корумпиран судија, но вистинската пресуда народот ќе ја донесе на 5 ноември на изборите. Сите знаат што се случи овде“, рече Трамп пред судот во Њујорк, откако пресудата му беше прочитана. Изрекувањето на пресудата е закажано за 11 јули, а на Трамп му се заканува затворска казна до 20 години. Неговите адвокати веќе најавија дека ќе поднесат жалба на пресудата, но тоа ќе можат формално да го сторат дури откако судијата Хуан Меркан ќе ја одреди казната за поранешниот американски претседател.

Бидејќи ова е случај без преседан во американската историја, се поставува прашањето – како пресудата ќе влијае на кандидатурата на Трамп за претседателската функција?

Накратко, Доналд Трамп може да остане кандидат на Републиканската партија за претседател на Америка. Американскиот Устав наложува само три барања за највисоката функција во земјата, така што претседателот мора да биде некој кој е роден во Соединетите држави, има најмалку 35 години и живеел во САД најмалку 14 години.  Според тоа, нема ограничувања во однос на можното криминално досие на претседателскиот кандидат. Во некои сојузни држави, забрането е лицата со криминално досие да се кандидираат за државни и локални канцеларии, но тие закони не важат за канцелариите на федерално ниво, вклучувајќи ja и претседателската.

Федералните држави, теоретски, би можеле да донесат закон со кој кандидатот за претседател ќе бара да има „чисто“ криминално досие, но американските правни експерти велат дека таквата опција би била на „несигурни правни основи“. На сличен став е и Ричард Хесен, професор по изборно право на Правниот факултет на Универзитетот во Калифорнија, кој исто така укажува на фактот дека не постои уставна забрана за лице кое сторило кривично дело да се кандидира за претседател.

„Со оглед на тоа што Уставот на САД ги дефинира претседателските квалификации, не е јасно дали федералните држави би можеле да ги променат“, изјави Хесен за Тајм.

Случај од 2019 година сугерира дека тоа е малку веројатно. Откако Калифорнија усвои закон со кој се бара од кандидатите да ги објават своите даночни пријави за нивното име дури и да може да се појави на гласачкото ливче, Врховниот суд на Калифорнија го укина, тврдејќи дека го прекршува Уставот.

Може ли Трамп да биде кандидат ако е во затвор? 

Не се очекува судијата Мерчан да го осуди Трамп на затвор, но дури и ако републиканецот заврши во затвор, тој може да остане кандидат за претседател, што значи дека Доналд Трамп би можел да стане претседател на Америка од затворска ќелија.

Тоа, сепак, би создало правна и политичка криза во земјата која на крајот би требало да ја решат судовите, најверојатно Врховниот суд на САД. Теоретски, на Трамп може да му се одземат претседателските овластувања врз основа на 25-от амандман на Уставот, кој предвидува процес на пренесување на овластувањата на потпретседателот во случај претседателот да „не може да ги извршува своите должности“.  За да се активира амандманот, потпретседателот и поголемиот дел од кабинетот ќе треба да го прогласат Трамп за неспособен за извршување на должностите на претседателот на САД, што повторно е малку веројатно бидејќи се работи за луѓе кои Трамп лично би ги назначил на овие позиции.

Правните експерти претпоставуваат дека ако биде затворен, Трамп ќе бара да биде ослободен доколку стане претседател со образложение дека затворската казна го спречува да ги исполни своите уставни обврски. Во случајот Њујорк, Трамп нема да може да се „самопомилува“, бидејќи тоа е процес што се води на федерално државно ниво. Тој може да биде помилуван само од гувернерот на Њујорк, кој традиционално е член на спротивставената Демократска партија

 

Трамп и правото на глас

Бидејќи Доналд Трамп е осуден за кривично дело, тој нема да може да гласа на изборите во Флорида, каде што е регистриран гласач, бидејќи Уставот на државата ги обесправува престапниците. Опцијата на која би можел да прибегне поранешниот американски претседател е барањето за помилување, кое би требало да биде одобрено од двајца членови на кабинетот и гувернерот на Флорида. Таа позиција моментално ја зазема Рон ДеСантис, поранешниот противкандидат на Трамп на внатрепартиските избори, кој во меѓувреме го поддржа.

Друга опција е Трамп, кој живее во Њујорк, да се регистрира како гласач во таа држава, бидејќи таму, дури и како криминалец, може да гласа на избори со многу поблаги закони од оние во Флорида. Која опција и да ја избере, она што е речиси сигурно е дека Трамп нема да може да гласа доколку е во затвор на 5-ти ноември. Речиси во сите американски држави, затворениците се обесправени додека ја отслужуваат казната и не им се враќаат додека не го напуштат затворот. Некои држави одат чекор понатаму, лишувајќи ги затворениците од правото на глас доживотно.

извор: Нин

Back to top button
Close