Случајот е чувствителен, ќе ги разгледаме правните аспекти – вели министерот Сулејмани за спотот снимен во „Македониумот“
„Треба да видиме со правните служби како можеме понатаму, дали треба да се направи некоја законска измена. Овие објекти законски имаат право да изнајмуваат, но сепак директорите треба да внимаваат кога изнајмуваат објекти и треба да знаат какви програми ќе се одржуваат и со каква содржина“, изјави денеска министерот за култура и туризам

Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани вели дека утринава дознал за случајот кој вчера беше објавен во медиумите – дека косовскиот рапер Дон Џони за 500 евра го изнајмил споменикот „Македониум“ во Крушево за да сними делови од спотот за својата песна „Секси мама“. Министерот вели дека е свесен оти се работи за чувствителен случај, но дека допрва треба да се разгледаат правните аспекти за како да се постапи.
„Треба да видиме со правните служби како можеме понатаму, дали треба да се направи некоја законска измена. Овие објекти законски имаат право да изнајмуваат, но сепак директорите треба да внимаваат кога изнајмуваат објекти и треба да знаат какви програми ќе се одржуваат и со каква содржина“,изјави Сулејмани одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција во Владата.
Министерот рече дека за него случајот е сè уште нов и дека ги нема потребните информации.
„Деталите не ги знам бидејќи случајот е нов за мене, сабајлево дознав, така што ако кажам нешто веројатно ќе згрешам. Ќе се информирам дополнително и според тоа ќе видиме како понатаму“,изјави министерот за култура и туризам.
Директорот на установата Историски музеј „Крушево“, Миха Оџаклиески, вчера во писмена изјава за медиумите потврди дека просторот е отстапен врз основа на претходна одлука на Управниот одбор и дека не е првпат споменикот да се отстапува за слични намени по соодветна цена. Рече дека терминот „изнајмување“ на „Македониумот“ е прегруб збор, зашто, според него, установата само го отстапила за потребите на снимањето на спотот. На прашањето дали биле запознаени со содржината на песната и видеозаписот за неа, во кој има и еротски сцени, директорот вели дека тие не се снимени во „Македониумот“, туку на други локации во Македонија






