Студија: Целите житарки можат да ја подобрат работата на срцето и кардиоваскуларниот систем
Според нова студија во која биле опфатени резултати од речиси 90 студии и клинички испитувања, околу 60 грама кафеав ориз, овесни снегулки и други производи од целосни житарки дневно би можеле да придонесат за подобро здравје на срцето и крвните садови. Студијата, објавена во септември во научното списание „European heart јournal“, покажува дека од четири до шест порции целосни житарки дневно би можеле да бидат доволна количина за добро кардиоваскуларно здравје.

„Целите житарки помагаат за намалување на телесната тежина, крвниот притисок, нивото на холестерол и шеќерот во крвта“, велат истражувачите, истакнувајќи дека нивното позитивно дејство се манифестира на повеќе начини, од влијанието врз нивото на мастите во крвта и крвниот притисок, до регулирањето на гликозата, метаболизмот на мастите и воспалителните процеси во организмот.
– Иако поголемиот внес на целосни житарки долго време се поврзува со подобро здравје на срцето во популациските истражувања, клиничките испитувања дадоа нееднакви резултати, изјави раководителката на истражувањето, Хелда Тутунчи од Универзитетот за медицински науки во Табриз, објаснувајќи дека целта на истражувачкиот тим била да утврди колкава количина целосни житарки е потребна за значително да се намали ризикот од срцеви заболувања.
Истовремено, според Сесилија Киро од данското здружение за борба против ракот, отстранувањето на влакната од житарките е поврзано со многу заболувања, како и со влијанието врз волуменот на столицата и функцијата на дебелото црево.
– Кај целосните житарки се задржуваат сите делови од зрното, меѓу кои триците, никулецот и ендоспермот, но во голем број прехранбени производи тие се заменети со рафинирани житарки, при што се отстрануваат деловите богати со влакна и други корисни состојки, рече Киро, нагласувајќи дека токму затоа, еден од предизвиците е преработените производи од целосни житарки да бидат достапни, ценовно прифатени за различни култури. Според неа, сè потешко е да се избегне трендот кон ултрапреработени производи во кои целосните житарки само се додаваат во преработените производи.
– Потреби се подолготрајни истражувања, како и клинички испитувања во кои би се испитувал и поголем внес на целосни житарки, за со сигурност да ја потврдиме потребната количина житарки, нагласи истражувачкиот тим. Во повеќето досегашни испитувања, направени врз 6.000 луѓе, 100 грама дневно е доволна количина, но според нас потребни се дополнителни истражувања дали поголема доза би влијаела позитивно врз здравјето, советуваат тие.






