Снопче: Влада без поддршка од пратениците на Алијанса за Албанците ќе биде нестабилна

Халил Снопче, пратеник од крилото на Алијансата на Албанците, предводено од Арбен Таравари, вели дека претставници на партијата не биле поканети на вчерашниот состанок на коалицијата ВЛЕН. Тој, во однос на вчерашната средба во Скопје на партиите од коалицијата, за која од ВЛЕН рекоа дека е прва на претседателството, рече дека не знае какви одлуки се донесени на состанокот.

„Немам официјална информација од службите на Собранието, дали тие девет пратеници побарале посебна пратеничка група. Доколку тоа е вистина, тоа имплицира дека Алијансата на Албанците останува со пет пратеници“,

рече Снопче во изјава за медиумите.
Дополни дека се уште тој е координатор на пратеничката група на ВЛЕН од 14 пратеници, бидејќи се уште не е формирана нова пратеничка група.

„Доколку со девет потписи се обратат до Собранието дека имаат формирано нова пратеничка група, тогаш по автоматизам ние ќе дејствуваме со наша пратеничка група од петмина пратеници“,рече тој.
Снопче посочи дека како партија се отворени за сите опции, дека Алијансата на Албанците може да биде и опозиција, но, нагласи, „доколку тие се надвор од Владата, тоа ќе значи потреба од нови парламентарни избори“.

„Без разлика што Владата ќе има бројки и без Алијанса за Албанците, таа Влада ќе биде нестабилна со само девет албански пратеници“, рече тој.
Меѓутоа, лидерот на ова крило на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари вели дека останува на ставот дека предвремени парламентарни избори заедно со локалните наесен не се потребни.

Тој денеска рече дека има стабилно мнозинство без разлика дали АА е во Владата или не. Тој рече дека за партијата е важно да излезе со што подобри резултати на локалните избори и да победат во што повеќе општини каде што ќе може.

Back to top button
Close