Со пораки за мир и солидарност државниот врв го честита верскиот празник Курбан Бајрам

Верниците од исламска вероисповед денеска го слават празникот Курбан Бајрам, а по тој повод државниот врв упати честитки до поглаварот на Исламската верска заедница во земјава, реис-ул-улема Шаќир Фетаи и до сите граѓани од исламска вероисповед.

Илустративна фотографија / Фото: Архива

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, која е во Швајцарија на самитот за мир во Украина, во својата честитката вели дека Курбан Бајрам ги потенцира благодетелта, дарувањето и солидарноста, инспирирајќи нè на хумани дела и поддршка на сите на кои им е потребна.

„Најискрено посакувам празничните денови да донесат среќа, радост, љубов, хармонија и мир. Да си даруваме и помагаме, да си бидеме поткрепа еден на друг, заедно во добро и лошо без разлика на верската, етничката, половата или било која припадност и да работиме на просперитетот на нашата татковина и благосостојбата на сите. македонски граѓани. Честит Курбан Бајрам“,

вели Сиљановска-Давкова во честитката.

Претседателката на РС Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова / Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Техничкиот премиер во заминување Талат Џафери го честиташе празникот во свое и во име на Владата, посакувајќи над сѐ добро здравје, широкоградост, солидарност и правење добри дела.

„Во исто време, посакувам аџиите кои актуелно се молат и ја оддаваат потребната почит на светиот пат на аџилакот, да упатат молитви и за сите граѓани и за Република Северна Македонија, нашата заедничка држава, за успешна година, во мир, во благосостојба и виден напредок во секое поле од општествениот и меѓународниот живот. Покрај молитвите, сите заедно да го направиме тоа што можеме за да осигуриме мир, благосостојба, и сигурен живот за оние што во ова време се засегнати од војни, болести и природни несреќи, затоа што животот е свет и сите треба да му се радуваат подеднакво“,порачува Џафери во честитката.  

Премиерот на технилката влада, Талат Џафери / Фото: Архива

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада, Хирстијан Мицкоски на сите што го празнуваат овој голем празник да го поминат во духот на дарежливоста, помагањето и споделувањето на оние на кои им е потребна помош.

„Овој голем празник е потсетник на човечкото постоење, како и на големото значење на меѓусебната доверба, разбирање и толеранција како суштински услови за соживот и мир. Затоа ве повикувам сите заедно да започнеме, надминувајќи ги заеднички сите проблеми, да ја градиме Македонија врз европски вредности и принципи. Дојде време заеднички да изградиме поцврсти темели за подобар животен стандард за секој еден граѓанин без разлика на неговата етничка или верска припадност, темели за развој и просперитет на нашата држава. Сите обединети сплотени да изградиме држава каде што ќе има хармонија и напредок, економски просперитетна Македонија“, се вели во честитката од Мицкоски по повод празникот Курбан Бајрам.

Back to top button
Close