Со распит на градежните вештаци продолжува судењето за пожарот во „Пулс“
Со изведување на наодите од градежното вештачење на објектот „Пулс“ и распит на вештите лица што го изработиле, денеска во судницата во „Идризово“ треба да продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

На претходното рочиште, вештаците кажаа дека „Пулс“ нелегано бил пренаменет од индустриски објект во дискотека спротивно на урбанистичкиот план. Со вештачењето е утврдено и дека биле поставени прегради од гипс-картон и врати кои претставувале директна пречка за евакуација.
Вештите лица Душица Трпчевска Ангелковиќ и Маријана Лазаревска, зборуваа за аспекти од вештачењето поврзани со урбанизмот и градежните аспекти.
Лазаревска, во судницата започна со презентирање фотографии од изведба на челични греди и столбови во приземјето на објектот – зграда 1, направени 2012 година, а во функција на направената пренамена од магацин за теписи и теписони, во угостителски објект.
Одбраната реагираше на изведувањето на фотографиите без да се посочи каде точно се содржани во доказниот материјал, по што Судот го одложи рочиштето, со укажување на денешното продолжение да биде направена нумеричка презентација на фото записите.
Лазаревска, претходно посочи дека на објектот биле изведени надворешни скали и настрешница, преградни ѕидови од гипс картон со кои е формиран влез со двокрилна двонасочна врата, што, како што нагласи, е апсолутно недозволено од безбедносен аспект при евакуација.
Претходно, вештото лице Душица Трпчевска Ангелковиќ, член на тимот што учествувал во изработка на градежното вештачење, изјави дека според урбанистичко планската документација на Град Кочани од 1998 до денес и согласно Законот за градење на предметната локација на која функционира објектот дискотека/кабаре „Пулс” не е дозволена пренамена од индустриски објект во објект за вршење угостителска дејност, додека од 2012 година инвеститорот почнува дел од објектот да го користи за намена дискотека/кабаре што е спротивно на ДУП и законската легислатива за урбанистичко планирање и градење.
Во однос на урбанистичкото планирање за објектот, вештото лице посочи дека зоната Г10 на Град Кочани, каде се наоѓа дискотеката, од првиот Детален урбанистички план донесен 1998, како и последниот што е во сила донесен во 2013, не се менува и е наменета за лесна индустрија и мало стопанство.
Прашана дали Општината можела да реагира и на кој начин, кога веќе се вршела угостителска дејност дискотека во овој објект, вештакот рече дека Законот за градење покрај другото го уредува и начинот на употреба на објектите, а станува збор за објект од втора категорија, односно од локално значење и одобренија ги издава општината, значи дека Општината е повикана да постапува по надлежноста, а тоа е да контролира дали објектот се употребува согласно даденото одобрение за градење и употреба.
Со изведувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, како што е најавено, треба да заврши изведувањето на докази од Обвинителството.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.






