Спасовски: Има осомничени лица за дојавите за бомби во скопските училишта

 Се вршат сите проверки по пријавите за бомби и таа првична наша констатација на крајот се потврдува – дека станува збор за лажни дојави, но постои протокол што мора да биде до крај испочитуван, во смисла на евакуација и целосна проверка, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во „Само интервју” на Канал 5 телевизија.

Тој појасни дека речиси сите испратени пораки се исти, идентични, иако „има варијација на тема во однос на оваа активност”. Се трошат ресурсите на МВР, нагласи Спасовски, а најважно е што се предизвикува вознемиреност.

– Најавив дека истрагата во овој дел е сосема при крај, се очекуваат потврди на одредени факти, а тоа се многу важни детали. Имаме веќе лица кои се осомничени и веднаш по потврдувањето на овие факти ќе работиме заедно со Обвинителството. Ќе се дадат насоки од Обвинителството. Ова е терористички акт и многу не се размислува кога посегнувате по вакви активности. Тоа беше случајот и со нападот на Собранието, рече Спасовски.

Тој порача дека која и да е причината што внесува таков раздор и несигурност кај граѓаните и ги троши ресурсите, сторителите мора најстрого да бидат казнети.

– Ова се хибридни напади и тие напади знаат сега да бидат и многу поопасни би рекол и од конвенционалните. И тоа е целта на овие напади да предизвикаат несигурност кај граѓаните, паника, страв, да предизвикуваат нестабилност во државата, во институциите, да подгреваат одредени тензии, рече министерот за внатрешни работи.

Спасовски, меѓу другото, оцени дека ова се случува затоа што геостратешката положбата и испреплетувањето на геостратешките интереси се посебно важни.

– Ние не сме изолиран случај, потенцира Спасовски.

Back to top button
Close