Спасовски: Прашањето за кандидат за шеф на државата сè уште не е отворено во СДСМ
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски прашан денеска во врска со шпекулациите за наводна кавга во СДСМ околу номинирањето кандидат за претстојните претседателски избори изјави дека за такво нешто не може да стане збор, затоа што на оваа тема сè уште не било разговарано во партијата.
Спасовски, чие име се споменува во политичките кулоари како можен кандидат за шеф на државата од страна на СДСМ, беше прашан и за детали од минатонеделниот координативен состанок на стратегискиот тим за европскиот пат, на кој присуствуваше и поранешниот претседател на партијата Зоран Заев.
„Прво, разговаравме за многу теми и прашања кои се од заеднички интерес, и државен и партиски. Второ, не може да стане збор за никаков конфликт за прашање како што се претседателските избори, затоа што не се отвори тоа прашање и за тоа не се разговара во партијата сè уште. Кога ќе дојде време, ќе разговараме и низ дијалог ќе се утврди тоа што е најдобро. За нас што е важно? Важен е европскиот фронт, таа опција која нуди извесност на државата и граѓаните да ја добие довербата од граѓаните“,
изјави министерот за внатрешни работи кој денеска присуствуваше на првиот академски час на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“.
За присуството на експремиерот и поранешен партиски лидер Зоран Заев на состанокот и каков придонес може да се очекува од него, Спасовски рече дека сплотеноста околу одредена идеја е најважна за успех и дека секој е добредојден во европскиот фронт.
„Секој еден човек може да даде исклучителен придонес, од најобичниот член, па сè некој што бил и претседател на партијата. Секако дека обединетоста, сплотеноста околу одредена идеја, а тоа не врзува во политичките партии, е најважна за успех. Така што, секој е добредојден во европскиот фронт за напредок на државата“,
изјави министерот за внатрешни работи.
За потсетување, премиерот Димитар Ковачевски во четвртокот вечерта на својот фејсбук-профил објави фотографии од координативен состанок на стратегискиот тим за европскиот пат, на кој со него на иста маса седат екслидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, што се толкува како демант на информациите во јавноста дека оваа тројка не е во добри меѓусебни односи.
Покрај нив тројца, според фотографиите, на состанокот присуствувале и генералниот секретар на партијата, Миле Зечевиќ, професорот на Економскиот факултет и поранешен пратеник и партиски функционер, Игор Ивановски-Шема, шефот на кабинет на премиерот Мартин Попов, како и организациски секретар во СДСМ, Митко Трајчулески.
Ковачевски во објавата на социјалната мрежа напиша дека СДСМ има долгогодишно државничко и партиско искуство, посветеност и полна енергија да продолжи со победа и брз чекор по европскиот пат.
По средбата, на Фејсбук се огласи и Заев, кој напиша дека мораме да осигураме просперитет за македонските граѓани и извесна иднина за нашата држава и дека членството на државата во ЕУ сега се чини најдостижно.