Спасовски за Трилинг: На луѓе како Палчо, кои сториле такви убиства, не треба да им се дава толку медиумски простор. Нека докажуваат на суд
Поранешниот министер за внатрешни работи, актуелен пратеник во Собранието – Оливер Спасовски во најновото издание на Трилинг за тоа до каде достигнуваат пипците на криминалот и корупцијата вели „тие се прашања на кои ќе мора да се дадат одговори сега. Изнесовме сериозни податоци за криминалот, се оставија низа докази кои таргетираат една сериозна група луѓе, вклучувајќи луѓе од сите сфери на живеењето. Криминалот не познава рамки, тој што се занимава со криминал, тие се браќа по криминал. Или ќе имаме сериозна борба против криминалот сите заедно и таа треба да добие поддршка, или ќе влечеме потези со кои ќе правиме перцепција – привидна борба против криминалот. Еднаш засекогаш да покажеме дека може да се смени перцепцијата во јавноста, дека имаме ефикасна борба“.
Актуелниот министер за внатрешни, Тошковски во минатото издание на Трилинг напомена дека имаат докази за поранешни високи функционери вмешани во корупција. За тоа дали Спасовски стравува дека може да биде дел од таа листа, вели „Институции има државата, немам апсолутно никаква ниту загриженост, ниту страв затоа што криминалот треба да се бара таму каде што го има. Не треба политички панфлети да има, сето тоа се користи повеќе за политички цели, отколку за сериозен пристап“.
Спасовски во врска со тврдењата на Љупчо Палевски – Палчо дека екс министерот за внатрешни и шефот на ОЈО – Гаврил Бубевски немаат докази дека токму тој е ликвидаторот на Вања и Панче вели „На луѓе кои се гонат за сериозно убиство мислам дека не треба да им се дава толку медиумски простор, има суд и преку суд треба да се докажат сите аргументи и факти. Имаме потврдено обвинение и целиот процес ќе се заврши во судска постапка“.
За бурата реакции во јавноста по најновите конфронтации на релација Скопје – Софија, што произлезе од средбата на Сиљановска Давкова со Радев, како и за информациите дека всушност во врска со кредитот од Унгарија не се работи за унгарски, туку за кинески пари, Спасовски со став „често имавме изјави во кои се истакнуваше скепсата за нашиот пат за во ЕУ. Но никој не понуди алтернатива. Тој пат за нас, нема алтернатива, дали постојат фрустрации дека долго трае процесот – секако дека да. Во тој правец треба да се преземаат поенергични чекори. Сметам дека многу сериозно треба да се работи на европската агенда. Да се напушти процесот на нарушување на сите околу нас, осудувам пристап како што имаше Бугарија кон нашата претседателка. Но мора да има и вина кај Кабинетот на претседателката. Поентата ми е дека за секој проблем да се седне на маса и да се разговара“.
За посетата на екс премиерот Заев кај бугарскиот претседател Радев, Спасовски вели „Истакнато беше македонското и бугарското знаме. Седиме и разговараме како рамноправни партнери. Ова сега е ниско однесување во дипломатските односи, но од друга страна своето достоинство нема кој да го штити ако не ние. Ако претседателката не го штити достоинството на државата, кој да очекуваме да го заштити?“.
По влошените односи со Софија, па и со Атина, за тоа дали постои опасност од изолација на државата Спасовски дециден:
„Не би сакал да се случи тоа, затоа што тоа нема да биде добро најмногу за нас. Наша одговорност ќе биде како да направиме да ги градиме односите на подобро ниво. Влечење на потези кои ќе не носат кон изолација ќе допринесе на директна основа да имаме штета, важно е владата да биде сериозна и одговорна. Да мислите на тоа што ќе се случува во иднината“.
Поврзано со доаѓањето на унгарскиот премиер Орбан во земјава, и за тоа дали можеби има шанси екс премиерот Никола Груевски да се врати во земјава, Спасовски со став „Не сметам дека тема на разговор ќе биде Никола Груевски. Очекувам Груевски да биде екстрадиран, но не очекувам дека тоа ќе се договара со Орбан“.
За релациите меѓу СДСМ и ДУИ кои придонесоа за изборниот пораз на социјалдемократите, Спасовски вели „Јас кажав дека имаше сериозни проблеми, една од причините за изборниот резултат кажав дека беше однесувањето на одредени поединци од ДУИ кои ги фрустрираа македонските граѓани во делот на однесувањето.
„Ова е период во кој ќе мораме сите заедно максимално посветено да работиме за да се врати довербата која е нарушена. Граѓаните се тие кои ги носат одлуките. Треба да ги следиме“ смета Спасовски.
Оливер Спасовски беше технички премиер на Владата во време кога пропадна „Еуростандард банка“. Вели дека „тоа беше време на една Влада која работеше и во здравствена криза и влада која првпат работеше без Собрание, направивме се. За банката соодветно место е да ја прашате НБРМ. Одлуките ги носат тие. Јас остварив средба со синот на Трифун Костовски, тоа беше по известувањето од гувернерот на НБРМ, во однос на тоа да поразговараме, ако можеме да помогнеме во консолидацијата. Тоа беше разговор во кој ги добив информациите, тоа беше очекуван пристап“.