СПД: Поразот на изборите во Северна Рајна-Вестфалија не го менува ставот на Владата кон војната во Украина

Партијата на германскиот канцелар Олаф Шолц, Социјалдемократската партија на Германија (СПД), денеска соопшти дека не гледа потреба од промена на досегашниот став кон војната во Украина, по вчерашниот изборен пораз во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија и досега упориште на СПД.

Владиниот портпарол Стивен Хебестрејт рече дека Шолц „е цврсто убеден дека одмерениот и внимателно разгледан курс во политиката во однос на Украина е важен и дека голем дел од населението го поддржува“. Тој нагласи дека изборите во Северна Рајна Вестфалија се пред сè регионални избори.

Ларс Клингбајл, еден од лидерите на СПД,  изјави дека „нема потреба ништо да се менува“. Тој рече дека за време на кампањата видел јасна поддршка за сегашната политика на партијата во однос на снабдувањето со оружје за Украина и постепеното прекинување на увозот на руски гас, бидејќи „нема да бидат загрозени работните места во индустријализираните земји како Северна Рајна-Вестфалија“.

Тој додаде дека неговата партија треба подобро да им објасни на гласачите што прави. „Политиката на владата јасно покажува дека стоиме покрај Украина без „но“ и „ако“, но дозволивме премногу да се зборува за испраќање оружје, а премалку за трошоците за живот и зголемувањето на цените на енергијата“, рече Клингбејл.

Главната опозициска партија од десниот центар, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), на вчерашните покраински избори освои 35,7 отсто од гласовите, девет отсто повеќе од СПД на Шолц, и покрај очекувањата дека исходот ќе биде неизвесен. Партијата на зелените освои 18,2 отсто од гласовите, речиси три пати повеќе од претходниот изборен резултат. Излезноста беше мала, 55,5 отсто.

 

Back to top button
Close