Според Кина забраната за користење на ТикТок ја одразува несигурноста на САД

Забраната на американската влада за користење на популарната апликација ТикТок на уредите на федералните агенции во земјата ги открива сите несигурности на Вашингтон и претставува злоупотреба на државната моќ, оцени денеска портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг.

– Американската влада премногу го прошири концептот на национална безбедност и ја злоупотреби државната моќ за да ги потисне компаниите на другите земји. Колку се несигурни САД, најголемата светска велесила, кога се плашат од апликација која ја обожаваат младите, рече Мао.

Американските федерални агенции треба да се погрижат дека апликацијата ТикТок повеќе да не е инсталирана на нивните уреди и за тоа имаат рок од 30 дена, објави синоќа Канцеларијата за управување и буџет при Белата куќа.

Американските членови на Конгресот сметаат дека апликацијата, која е во сопственост на кинеската компанија „ByteDance“, е закана за националната безбедност и во декември изгласаа забрана на нејзина употреба на уредите на своите вработени.

Со повеќе од милијарда активни корисници во светот, ТикТок е шестата најкористена социјална платформа, според најновиот извештај „We Are Social“, кој го следи развојот на дигиталниот сектор, објавен во јануари.

Популарната апликација за споделување видео ја користат две третини од американските тинејџери, но Вашингтон стравува дека Кина би можела да ги искористи своите законски и регулаторни овластувања за да добие приватни податоци за корисници или да поттикне содржина што ја фаворизира Пекинг.

Забраната на американската сојузна влада доаѓа неколку дена по сличната одлука на Европската комисија, која ја забрани апликацијата ТикТок за својот персонал за да ја „заштити“ институцијата.

Канадската влада, исто така, вчера објави дека ќе го забрани ТикТок од мобилните уреди што ги обезбедува за својот персонал, наведувајќи го „неприфатливото ниво на ризик“ за приватноста и безбедноста.

Од друга страна, Кина веќе подолго време ги има Јутјуб, Твитер, Фејсбук и Инстаграм на својата долга листа на блокирани странски социјални платформи и апликации за размена на пораки

Back to top button
Close