Средба Фон дер Лајен – Венс: Односите ЕУ-САД имаат витална улога во денешниот геополитички пејзаж

Соработката меѓу Европската Унија и САД во справувањето со заедничките предизвици беше главна тема на денешната средба во Париз меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс.

Како што соопшти ЕК, на средбата Фон дер Лајен и Венс го потврдиле значењето на односите меѓу ЕУ и САД и нивната витална улога во денешниот геополитички пејзаж.

Средбата се одржа на маргините на Самиот за иднината на вештачка интелигенција, па во разговорот Фон дер Лајен ја нагласила и посветеноста на ЕУ за развивање на вештачката интелигенција во корист на сите, во услови на одржување отворен и конкурентен пазар.

– Претседателката фон дер Лајен ја потврди посветеноста на ЕУ кон фер трговски односи, додека двете страни ја изразија својата намера да и дадат приоритет на економската соработка од заеднички интерес, вклучително и за енергијата, се додава во соопштението од средбата на која присуствуваше и високата претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.

Фон дер Лајен, исто така, ја истакнала посветеноста на ЕУ кон постигнување праведен и траен мир во Украина, при тоа потенцирајќи ја потребата за продолжување на „единството во обезбедувањето непоколеблива поддршка“ за Киев.

Во објава на Икс по средата Фон дер Лајен му се заблагодари на Венс за „добрата дискусија“ за заеднички предизвици како сојузници.

– Од безбедност и стабилноста, до големото ветување за технологијата и критичниот предизвик на непазарнaта прекумерност. Со нетрпение очекуваме да продолжиме со соработката со претседателот на САД. Се гледаме на Минхенската безбедносна конференција, наведе Фон дер Лајен.

Калас, пак, исто така на Икс, објави дека се средбата се разговарало за „клучните прашања“, како војната на Русија против Украина, зајакнувањето на европската одбрана и активностите на Кина.

– Како што нашите противници ги координираат нивните акции и ние мора да го правиме истото, додаде Калас во објавата.

Back to top button
Close