Средношколки удрени од мотоцикл во Скопје – семејството: Возачот свесно не закочил
Две средношколки биле прегазени од мотоцикл додека оделе кон училиште минатиот вторник, сведочи семејството на едно од девојчињата за „Скопје1“. Тие посочуваат дека мотоциклот свесно не закочил, а не им укажал ниту помош. Според сведочењето на девојчињата, помош им укажале лица кои се движеле со камионче. За кратко, лицето со мотоциклот се вратило, па и кажало на прегазените дека можат да се договорат, да не помислуваат да викнат полиција.
Девојчињата со Брза помош биле однесени во болница. Настанот се случил кај Цементара во правец кон средното училиште „Марија Кири Склодовска“.
Ирена Стојчевска, мајка на една од средношколките за Скопје1 раскажа што се случило и на што се сомневаат.
„Тој што го возел моторот и бил позади нив свесно не закочил и удрил во нив по што не им укажал помош и си продолжил.Девојчето е со огромни болки модрици и рани, контузии користејќи цело време Бруфени за да се ублажат болките. Полицијата ги пронашла двете момчиња и ги идентификувала. Интересно е дека патеката која има сообраќаен знак за велосипеди во поголем дел е единствена патека. Над неа има патека за пешаци која по стотина метри завршува како влез во зграда, а долу на патот останува една заедничка тесна патека која е и единствен тротоар и патека за велосипед. При што од полицијата е укажано дека смее да се движат мотори од 50 кубика, а тоа е единствен тротоар на кој што може да се движат и пешаци“, вели Ирена Стојчевска, мајка на едно од девојчињата.
Од „Скопје1“ побарале став и од МВР, од каде велат дека направиле увид на местото и составиле записник.
„Во врска со вашето прашање околу случена сообраќајна незгода од 04.02.2025 година на булеварот „Србија“ во Скопје ве информираме дека од страна на ОУСН при СВР Скопје е извршен увид на лице место, односно од страна на полициски службеници биле превземени сите увидни дејствија. Воедно, поднесено е и писмено известување до ОЈО-Скопје и во понтамошната постапка ќе следи соодветна пријава по комплетирање на целокупниот увиден материјал“, велат од МВР.
…