Стејт департментот изразува загриженост поради затворската казна за градоначалникот на Истанбул


Американскиот Стејт департмент изразува „длабока загриженост и разочарување” поради одлуката на турското правосудство да го осуди градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу на казна затвор, изјави денеска заменик портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател.
„Оваа неправедна казна не е во согласност со почитувањето на човековите права, основните слободи и владеењето на правото. Ние сме сериозно загрижени поради обвиненијата против граѓанскиот сектор, медиумите, политичките и бизнис лидерите кои се приведени од турските власти”, рече Пател.
Имамоглу, популарен политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, осуден е на повеќе од две години затвор и забрана за вршење политичка функција поради наводна навреда на членовите на државната изборна комисија.
Овој турски опозиционер е член на највлијателната опозициска партија, Републиканската народна партија и важи за сериозен и силен противник на турскиот претседател Ердоган на претседателските избори закажани за јуни следната година.
Победата на Имамоглу во март 2019 година на изборите за градоначалник на Истанбул беше поништена откако Партијата на правдата и развојот на турскиот претседател Ердоган пријави нерегуларности за време на изборниот процес, но тој повторно победи на повторените избори во јуни.
Градоначалникот на Истанбул денеска изјави дека затворската казна што му ја изрече турскиот суд е „политичка и незаконска”.
Екрем Имамоглу има право на жалба на пресудата.

Back to top button
Close