Столтенберг: Соработката против ПКК е разумна и важна

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека сите членки на Европската Унија (ЕУ), вклучително и Шведска и Финска, ја сметаат ПКК за терористичка организација и оти соработката против таа организација е многу разумна и важна, јави агенцијата Анадолија.

Столтенберг присуствуваше на седницата на Европскиот парламент за соработката меѓу ЕУ и НАТО и резултатите од Самитот во Мадрид и одговараше на прашањата на претставниците, информира агенцијата.

Осврнувајќи се на прашањето за поддршката на Украина, Столтенберг рече дека сегашниот фокус е на давање поддршка за да ѝ се помогне на Украина да ја надмине целокупната ситуација како независна и суверена нација.

– Фокусот сега не е членството, туку секако помошта, поддршката и модернизацијата на одбраната и безбедноста на институциите. Она што го правиме ќе ја приближи Украина до членството во еден момент, рече генералниот секретар на НАТО.

Во врска со трилатералниот договор постигнат меѓу Турција, Финска и Шведска, Столтенберг рече дека Меморандумот е јавен и оти секој може да ја прочита неговата содржина, односно што е потпишано.

Тој изјави дека главната порака во Меморандумот е дека трите земји повеќе ќе соработуваат во борбата против тероризмот.

– Според ЕУ, ПКК е терористичка организација. Шведска, Финска и сите членки на ЕУ ја сметаат ПКК за терористичка организација. Споделувањето разузнавачки информации, соработката и одговарањето на барањата за екстрадиција се разумни и важни, рече Столтенберг, пренесува Анадолија.

Back to top button
Close