Стотици европски пожарникари пристигнуваат во Атина да помогнат во гаснењето на огромниот шумски пожар

Грција трет ден денеска се бори со огромниот шумски пожар во близина на Атина, каде се очекува пристигнување на стотици европски пожарникари кои треба да се приклучат на напорите да го локализираат смртоносниот пожар што пеплоса делови од предградијата на главниот град.

Засилен од силни ветрови, најлошиот шумски пожар во Грција оваа година зафати исушен пејзаж, принудувајќи илјадници луѓе да ги напуштат своите домови и предизвика широко распространето уништување околу грчката престолнина.

Најмалку едно лице загина, а најмалку 66 лица се згрижени поради повреди. Повредени се и двајца пожарникари. Тело на жена беше пронајдено во вторникот во опожарена фабрика во Атина во, како што се верува, првиот смртен случај од шумскиот пожар.

„Условите повторно нема да бидат лесни. Ќе има ветрови од пладне, па натаму и секој час што ќе помине ќе биде се потежок“, изјави утрово Костас Цигас, шеф на здружението на грчките пожарникари, за државната телевизија ЕРТ.

Националната метеоролошка агенција соопшти дека денеска во Атина се очекуваат температури до 38 Целзиусови степени, со ветрови до 39 километри на час.

Околу 700 пожарникари, поддржани од 200 противпожарни возила и девет авиони, денеска се вклучени во гаснење на пожарот што избувна во неделата попладне во градот Варнавас, на околу 35 километри североисточно од Атина, соопшти пожарникарската служба.

Пожарот прерасна во фронт-линија на пламен долг 30 километри, на места висока повеќе од 25 метри, според државната ТВ ЕРТ.

Уништени се најмалку 10.000 хектари површина.

По повикот за меѓународна помош од страна на грчката влада, дополнителни пожарникари, хеликоптери, противпожарни возила и цистерни за вода се очекува денеска да се приклучат на напорите од Франција, Италија, Чешка, Романија, Србија и Турција, соопштија властите.

Според Министерството за здравство, од неделата на 66 лица им се укажани на повреди поврзани со пожарот.

Конзервативната влада на Грција беше нападната денеска од медиумите.

„Доста е“, објави на насловната страница најпродаваниот центристички дневен весник во Грција „Та неа“, додека либералниот „Катимерини“ наведе дека пеколот „надвор од контрола“ „остави огромно уништување (и) неодговорени прашања“.

„Евакуирајте го Максиму“, пишува левичарскиот дневен весник „Ефсин“, мислејќи на зградата во која се наоѓа кабинетот на премиерот.

Многу други дневни весници, исто така, на првите страници пишуваат за „кошмарот“, вклучувајќи го и провладиниот весник „Елефтерос типос“.

И покрај борбата од стотици пожарникари, голем број противпожарни возила и десетици авиони за гаснење пожари, во понеделникот пожарот ја зафати планината Пентеликон, позната и како планината Пентеликус, која гледа на главниот град и прошри во предградијата каде живеат десетици илјади жители. Беа издадени десетици наредби за евакуација, а многу илјади избегаа бидејќи пожарот уништи домови, деловни објекти и автомобили во предградијата Неа Пентели, Палаја Пентели, Патима Халандриу и Врилисија.

Премиерот Киријакос Мицотакис, кој летуваше на својот роден остров Ханија, се врати во главниот град во неделата.

Тој беше прикажан во посета на Министерството за цивилна заштита во понеделникот, но се уште не дал коментар за катастрофата.

Уништувањето ги оживеа сеќавањата на пожарите во јули 2018 година во Мати, крајбрежна област во близина на Маратон, каде што 104 луѓе загинаа во трагедија, која подоцна беше обвинета за доцнење и грешки во евакуацијата.

Во Грција оваа година беа регистрирани десетици пожари, откако оваа медитеранска земја ја забележа најтоплата зима и најтоплите јуни и јули од почетокот на собирањето на податоци во 1960 година.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close