Струмица и на прочка во знакот на карневалските маски
Фото: Општина Струмица
Синоќа во Струмица се одржа традиционалниот Струмички карневал. Во интернационалната карневалска поворка учествуваа околу 1 500 маскирани луѓе во 48 маски од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Турција, Грција, Бугарија и Македонија.
На почетокот на карневалот, на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов му била врачена плакета и медал од Европската федерација на карневалските градови.
„Огромна гордост е да се биде градоначалник во моменти кога Струмичкиот карневал јубилејот 30 години членство во Федерацијата на европските карневалски градови. Се надевам дека некој друг градоначалник на 60-годишнината ќе ја има честа да го добие овој медал“,изјавил Костадинов.
Жири-комисија ги оценува најдобрите карневалски креации, а публиката може и онлајн да гласа за една маска. За најдобрите маски во повеќе категории се предвидени парични награди.
Карневалските празнувања во Струмица продолжуваат и во недела, на празникот Прочка, кога се одржува традиционалниот Детски карневал.