Стружанецот Јованоски пред сите од Балканот на ЕП во велосипедизам

Нашиот претставник на актуелното европско првенство во велосипедизам, Димитар Јованоски се пласира на 53-та позиција на првиот настап на овој континентален собир, во најпрестижната дисциплина XCO (Cross Country Olympic) од трката во планински велосипедизам.
Според информациите кои доаѓаат од нашиот табор, патеката била брутално тешка, но нашиот натпреварувач успеал да издржи до крајот.
„Патеката беше многу тешка со исклучително голем број технички елементи. Имаше голема и силна конкуренција, од натпреварувачи кои учествуваат на светски купови. Во добра форма сум и мислам дека вистинскиот резултат ќе го постигнам на Балканскиот шампионат кој ќе се одржи во Грција, на 31-ви јули, каде очекувам и медал за Македонија.” – изјави Јованоски.
Од Велосипедската федерација на Македонија, велат дека се задоволни од пласманот на Јованоски, со оглед на тоа дека пред нас биле претставници на земји во кои велосипедизмот е на исклучително високо ниво од развојот.
Следен настап на нашите репрезентативци во Анадиа, е јуниорската хронометар трка на 7-ми јули од 11:00 часот, односно U-23 хронометарот од 16:00 часот. На ЕП во Португалија, Македонија има 4-ца претставници.

Back to top button
Close