Студентите од УКИМ се приклучуваат на протестот во петок пред Град Скопје, најавен од Курто Дудуш
На протестот пред Град Скопје, закажан за петок во 13.30 часот, ќе се приклучат и студентите, затоа што се соочуваат со големи проблеми поради нефункционирањето на јавниот превоз, доцнат на предавања и на испити, соопшти Универзитетското студентско собрание при УКИМ.
Протестот претходно го закажа градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој се жали дека жителите на неговата општина се практично отсечени од градот, а со години наназад се принудени да чекаат со часови на автобуските постојки.
Студентите на градоначалничката Данела Арсовска ѝ упатија ултиматум „по добиените бројни интерни поплаки од страна на студентите за време на одржување на колоквиумска недела и предавања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и спроведената анкета за евидентната катастрофална положба во која што се наоѓа градскиот превоз (нередовност на линии, неисправност на автобуси, долго чекање на постојки), која секојдневно го нарушува студенскиот стандард“.
Во ултиматумот, студентите бараат „до крајот на утрешниот ден 21.11.2024 да воспостават итна и неодложна редовност на автобуските линии и враќање во нормална функција на јавниот градски превоз во град Скопје со цел зачувување на интегритетот на студентите и студенскиот стандард“.
„Доколку не се добие повратен одговор на ова барање и не се регулира сообраќајниот режим, како легитимно тело кое претставува над 28.000 студенти при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетското студентско собрание ќе се приклучи масовно на организираниот протест во петок 22.11.2024 со цел изразување на огромното незадоволството од менаџирањето на Јавното Сообраќајно Претпријатие Скопје“, пишува во соопштението од Универзитетското студентско собрание при УКИМ.