Судири во Истанбул меѓу полицијата и демонстрантите на одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот

Турската полиција, со употреба на солзавец и гумени куршуми, интервенираше за да спречи групи кои сакаат да стигнат до плоштадот „Таксим“ во Истанбул за да учествуваат во демонстрации по повод Меѓународниот ден на трудот, 1 Мај, кои се забранети од властите.

Илјадници демонстранти, вклучително и членови на главните синдикати и левичарски групи се обидуваа да стигнат до плоштадот „Таксим“, додека тој беше затворен од турската полиција за да ги спречи првомајските демонстрации. Безбедносните мерки дојдоа еден ден откако министерот за внатрешни работи Јерликаја рече дека властите одредиле 40 области за прослави на 1 Мај, со исклучок на плоштадот „Таксим“.

Како што пренесува турскиот весник „Хуриет“ во судирите меѓу полицијата и демонстрантите има десетици притворени.

Повеќе од 40 илјади полицајци, пренесува францускиот весник „Ле монд“, беа распоредени низ Истанбул, блокирајќи дури и мали споредни улици со метални бариери во обид да ги спречат демонстрантите да се соберат.

„Полицијата се судри со демонстрантите во близина на градското собрание во областа Сарачане, фрлајќи солзавец и гумени куршуми за да ги спречи демонстрантите да ги пробиваат барикадите“пренесува „Ле монд“ повикувајќи се на новинарите на АФП.

Според извештаите на медиумите, најмалку 150 лица биле приведени до пладне, но од властите нема потврда за оваа бројка.

Некои од лицата биле приведени во обид да влезат на плоштадот „Таксим“ околу кој биле поставени високи метални бариери и каде што се забранети собири од 2013 година.

Во областа Бешикташ, полицијата привела најмалку 30 левичарски демонстранти кои извикувале „Таксим не може да се забрани“.

Турските власти претходно неделава објавија дека ги забрануваат првомајските демонстрации на централниот плоштад „Таксим“ во Истанбул и предупредија на планирани терористички напади во метрополата за празникот.

Во рамки на мерките за 1 Мај, од утрото се затворени патиштата кон централниот истанбулски плоштад Таксим, а знаменитостите се опколени од полицијата.

Back to top button
Close