Судски совет: Судијата Нанев имал 95 повици со обвинет, но наместо да се изземе од предметот донел пресуда

Судскиот совет на денешната седница расправаше по барање за одговорност на судијата од Основниот суд Кавадарци, Лазар Нанев. Имено, судијата се слушнал 95 пати со обвинет на кој му судел, а не сакал да се изземе од предметот, туку донел пресуда.

Судијата Нанев иако инсистирал седницата на Советот да биде јавна, сепак денеска не се појави.

Претседателката на Комисијата Лорета Георгиева информира дека Нанев поканата ја примил на 8 февруари, но до започнување на денешната расправа не пратил известување.

-Постапките по овие расправи се одвиваат без јавност, но по барање на судијата, Советот ќе одлучи постапката да е јавна. Од страна на судијата по доставување на предметното барање за одговор, истиот се осврнува на наводите во барањето. Истовремено доставува во затворено плико повеќе докази, без конкретно наведена листа на докази и цитирам “изјавата ќе ја дадам усно и овој концепт има значење и може да се користи само со усна изјава”. Истовремено во истиот поднесок судијата, цитирам вели “барам да ми се овозможи да ги повикам претставниците на меѓународната и дипломатска заедница и невладини за да имаат увид во ширењето лаги и невистини”, изјави Георгиева.

Подносителот на барањето, судијката Антоанета Димовска, рече дека Лазар Нанев намерно или ненамерно направил крупна професионална грешка и како Судија го примил во работа предмет против обвинет со кој остварувал телефонска комуникација.

– По моето стапување на функцијата член на Судски совет на дневен ред беше извештај за констатирана состојба во ОС Кавадарци, подготвен од тогашниот координатор Павлина Црвенковска. Со измена на годишниот распоред, јас бев назначена за координатор. Имајќи ја в предвид содржината на извештајот, во кој е констатирано дека постојат листинзи од извршени телефонски разговори меѓу судијата Лазар Нанев и Ванчо Кузманов, обвинет во предмет К- 204/20 како сопственик и управител на Ангола бест ДООЛ, а се работи за вкупно 95 телефонски повици. Сметав дека ваквото однесување значи несмасно и несовесно вршење на функцијата што го прави недостоен за вршење на функцијата, појасни Димовска.

Димовска изјави дека останува во целост на барањето за покренување постапка за утврдување одговорност на судијата Лазар Нанев.

– Сакам да потенцирам само неколку битни моменти зошто сметам дека судијата Лазар Нанев намерно и неоправдано направил крупна професионална грешка. Не е спорно и судијата не негира дека се чул 95 пати со обвинетиот Ванчо Кузманов за кривично дело недозволено пренесување на акцизни добра. Ваквото однесување на судијата, кој не оспори дека толку многу пати се слушнал со обвинетите лице, укажува на непрофесионалност и нему познати причини за пристрасност, изјави Димовска.

Со тоа расправата заврши, а по донесување одлука Комисијата ќе го извести со допис судијата.

Back to top button
Close