Судски совет: Законите јасно предвидуваат кога може да се повтори судска постапка и кој е надлежен за укинување пресуда

Лидерот на партијата Африм Гаши, побарал Владата да испрати писмено барање до Европската комисија преку Делегацијата на ЕУ да испратат експерти коишто ќе направат мониторинг на случаите за кои, според Алтернатива, има сомнежи во судските одлуки и за политички влијанија

Судскиот совет нема информации за формирање некаква меѓународна комисија за мониторинг на судски случаи, но има право и обврска да укаже на доследно почитување на законите и судските одлучи, порачуваат од Советот по информациите дека такво барање имало од Алтернатива до премиерот Зоран Заев во преговорите за влез во Владата.

„Во врска со најавата за евентуална проверка на завршени предмети и донесени правосилни пресуди, Судскиот совет укажува дека во Законот за кривична постапка, Законот за парнична постапка, како и други процесни закони, јасно е предвидено под кои услови може да има повторување на постапката за одреден предмет или кој суд е надлежен за укинување на одредена пресуда. Како и со каква цел ќе се формира меѓународна комисија Судскиот совет нема информации, но има право и обврска да укаже на доследно почитување на законите и на судските одлуки“,велат од Судскиот совет.

Во преговорите за влез во Владата, лидерот на партијата Африм Гаши, побарал Владата да испрати писмено барање до Европската комисија преку Делегацијата на ЕУ да испратат експерти коишто ќе направат мониторинг на случаите за кои, според Алтернатива, има сомнежи во судските одлуки и за политички влијанија, како што се „Монструм“, „Алфа“, „Диво Насеље“, „Алмир Алиу“ …

Премиерот Зоран Заев вчера рече дека ова е договорено зашто довербата во правосудниот систем е, како што рече, „поодамна разнишана“. Но тоа не значи, рече, дека некој ќе може да ги поништи судските процеси или да направи нешто спротивно на нашите закони.

„Меѓународните експерти ќе навлезат во случајот и ќе дадат свој коментар, секако доколку тоа го прифатат. Тоа се однесува на барањата на Алтернатива, но и за неколку други случаи – за новинарот Никола Младенов и други за кои сè уште нема предмети. Експертите не можат да носат пресуди, не можат да судат. Доколку прифатат, а ние ќе направиме се да прифати Европската комисија и делегацијата да испратат експерти, тие ќе дадат свои анализи и коментари пред институциите на нашиот систем“,изјави вчера Заев.

Back to top button
Close