СУТКОЗ и ССМ со обвинувања за психичката состојба на в.д. директорот на „Водовод и канализација“


Бараме како работници да бидеме заштитени и поради таквиот однос бараме в.д. директорот Марјанчо Митовски да биде разрешен бидејќи согласно сите законски прописи во нашата држава тој не ги исполнува условите да биде на јавна функција, односно да биде директор на ЈП „Водовод и канализација“

СУТКОЗ и ССМ предупредуваат дека Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска треба да ги спречат сите незаконски активности на в.д директорот Марјанчо Митовски поради што тие можат да значат значителна материјална и финансиска штета за јавното претпријатие „Водовод и канализација“ Скопје. Синдикатите побараа од градоначалничката Арсовска да ги прими за да ги остават сите аргументи на маса и да ги сфати моменталните состојби.

Според претседателот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски, Град Скопје и градоначалничката Арсовска треба да ги спречат сите незаконски активности на в.д. директорот Митовски.

„Покрај тоа што вработените се загрижени за својата безбедност и здравје, поради информациите дека раководното лице на институцијата во која работат е осудувано лице за физички напад со нож, за што има и правосилна пресуда има и решение за упат за издржување на законска казна, ние од загрижени граѓани добивме еден извештај за Митовски од специјалист во кој е утврдено дека Марјанче Митовски има дијагноза мешано, анксиозно и депресивно растројство. Дополнително е наведено во извештајот дека има конфликтна состојба на работа, напнат, вознемирен со лоши мисли“,

потенцираше Кашиковски на денешната прес конференција која се одржа пред просториите на град Скопје.
За таа цел, додаде тој, бараме како работници да бидеме заштитени и поради таквиот однос бараме в.д. директорот Марјанчо Митовски да биде разрешен бидејќи согласно сите законски прописи во нашата држава тој не ги исполнува условите да биде на јавна функција, односно да биде директор на ЈП „Водовод и канализација“.

„Сите наши досегашни активности не се насочени кон градоначалничката Данела Арсовска и нејзиното менаџирање на град Скопје. Напротив, Град Скопје како основач на ЈП „Водовод и канализација“ и градоначалчничката како менаџер треба да ни помогне да се справиме со новонастанатата ситуација од страна на в.д. директорот Марјанчо Митовски“,
рече Кашиковски.

Тој додаде дека досега известиле за неговото незаконско работење, непочитување на одлуките на управниот одбор, заканите, притисоците и уцените кои се вршат кон вработените.

„Известивме за вибер и меил пораката која е испратена до сите вработени дека доколку не подлегнат на неговите закани, уцени, притисоци ќе биде направена нова систематизација со рационализација на работните места. Со други зборови тоа значи отпуштање на вработените“, рече Кашиковски.

Синдикатот СУТКОЗ при ССМ за да ги заштити работниците ја прашува градоначалничката кој ќе ја преземе одговорноста.

„Дали вие како градоначалничка Арсовска ќе одговарате и ќе ја преземете обврската доколку му се случи нешто на некој работник, како и дали вие ќе одговарате доколку се наруши процесот на функционирање на ЈП ‘Водовод и канализација’ Скопје како претпријатие од витално значење, особено ако се има во предвид дека ова лице како в.д. директор, има пристап до клучевите од изворот во Рашче од кој се снабдува со вода за пиење Градот Скопје“,
праша Дарко Димовски од ССМ.

Кашиковски тврди дека во „Водовод и канализација“ не постоеле работници кои не доаѓале на работа или не ги извршувале своите задачи, но откако директорот Митовски почнал да ги прераспределува вработните, хидроинженери остануваат без никакви задачи.

„Само во последната недела се покренати повеќе од 40 дисциплински постапки кон вработени од различни сектори за настани кои се од пред две години. Законската основа за покренување дисциплинска постапка е максимум две години. На тој начин се врши притисок на вработените, секој ден се под мобинг, дел од вработените размислуваат да поднесат тужби за мобинг“, додаде тој.

Кашиковски појасни дека донесена е одлука за штрајк, но дека според законските норми треба да се исцрпат сите средства, со што штрајкот би бил последна мерка. Најави дека прво ќе ја гласаат одлуката, а потоа ќе достават документ, по кој ќе почнат постапки за медијација, која трае 10 дена.

„По медијацијата, ќе одлучиме за нашите понатамошни чекори“, додаде Кашиковски.

Back to top button
Close